Борисов на средбата со Заев
Поранешниот премиер на Бугарија и актуелен претседател на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов, на средбата со премиерот, Зоран Заев, кажа дека не верува дека денеска во Софија ќе биде постигнат некаков договор.
– Денес ќе имате многу состаноци. Убеден сум, затоа што ги познавам луѓето што ќе ги сретнете, особено за Радев, дека тие ќе ви кажат дека без парламент, ништо не може да се стори. Сегашната привремена влада ги има сите права и може да преговара со вас. Нов договор ако не го сакаат нашиот. Но, тие ќе бегаат од одговорноста, како и секогаш. Во исто време, евро-атлантските партнери лажат дека се за членство на Северна Македонија во ЕУ – рече Борисов.
Според Борисов, ако не се најде решение меѓу двете земји, ќе се мразат генерации млади Бугари и Македонци.
– Ако не најдеме решение генерации Бугари и Македонци ќе се мразат едни со други – рече тој.
Сепак, Борисов, изрази надеж дека привремениот кабинет на претседателот Румен Радев ќе ја стави одлуката за европската интеграција на Македонија на следната седница.
Заев придружуван од вицепремиерот, Никола Димитров, и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска се во посета на Софија. Како што соопштија од Владата, целта на посетата е интензивирање на напорите за наоѓање решенија за отворените прашања и за деблокада на европската интеграција на Македонија.
Посетата на Софија почна со средбата со Борисов.
– Нашите народи се многу блиски и насочени на соработка, нема да дозволиме да се развива омраза меѓу младите. Работната агенда во Софија ја започнавме со раководството на ГЕРБ и мојот пријател Бојко Борисов, со кого изразивме желба како континуитет на претходните позитивни искуства, со нова динамика да продолжи поддршката на евроинтеграциските процеси на Северна Македонија и на Западен Балкан – напиша Заев на Фејсбук по средбата.
Тој додава дека Софија има особено значење за македонската интеграција бидејќи таму биле поставени контурите на Договорот од Преспа за време на ЕУ самитот за Западен Балкан во 2018 година.
– Како чекор кон градење на пријателството и довербата е добредојдена идејата за организирање форум меѓу младите, подмладоците и младинските организации од двете земји, за да разговараат за заедничката иднината. Тоа е наша обврска како политички лидери – да бараме решенија за младите и нивната иднина – напиша Заев.