Во периодот на одржувањето на Олимписките игри, политичките аналитичари препознаа една нова форма, облик и димензија на национализмот, целосно
спротивен на познатата идеологија со која една нација ги поставува и наметнува своите вредности над другите нации. Имено, аналитичарите по Олимпијадата во Токио веќе препознаваат еден нов т.н. спортски национализам, кој во својата суштина го има
обединувачкиот и мобилизирачки елемент, кој би можел да ги мотивира нациите на „хомогенизација и солидарност во справувањето со пандемијата“
Може ли национализмот во нова форма, од разединувачки, да биде глобален интегрирачки феномен во борбата со пандемијата
И по година и половина во глобалната борба против коронавирусот, не се најде ефикасно решение за пандемиските предизвици, како на здравствен, така и на национално-општествен, па и меѓународен план. Се потроши многу драгоцено време во потрага по онаа кохезивна нишка што ќе ги убеди нациите во фактот дека сите сме во истата „каша“ и дека со заеднички сили треба да се впуштиме во борба со овој предизвик. Вистината е дека сите ние (на глобално ниво) сме во опасност и дека е неопходна солидарност за нејзино надминување. Иако веќе од крајот на минатата година постои опцијата за вакцинална имунизација, по три пандемиски брана и на прагот на четвртиот, се чини дека и понатаму се бара најсоодветен (општествен и политички) пристап за решавање на проблемот. Во периодот на одржувањето на Олимписките игри, политичките аналитичари од магазинот „Форин полиси“ ја препознаа и разбудија идеологијата на обединувачкиот елемент, а имено т.н. спортски национализам, кој би можел да ја мотивира нацијата, односно нациите во светот за хомогенизација и солидарност во справување со пандемијата!
Магичната обединувачка моќ на национализмот
– Како и повеќето од нас, претпоставувам, јас ги поминав изминатите неколку недели фокусиран на два настана: првиот е Олимпијадата, вториот е рапидно растечкиот број на случаи на ковид-19 од делта-варијантата. Комбинацијата на овие две грижи ме натера да размислувам за феноменот национализам – ја започнува својата анализа во „Форин полиси“, колумнистот Стивен М. Волт, во соработка со професорот за меѓународни односи од универзитетот „Харвард“, Рене Бифер.
Во анализата најпрвин споменатите интелектуалци, во контекст на национализмот како феномен, потсетуваат дека модерната Олимпијада првично требаше да биде заедничка прослава што го надминува национализмот, да се соберат спортисти-аматери од целиот свет за да се натпреваруваат на атлетското, а не на бојното поле. Според авторите, тоа е можеби убава идеја, но олимпијадите речиси веднаш станаа само уште една арена на национално натпреварување, бидејќи различни земји се обидуваа да освојат медали за да ја покажат супериорноста на нивните политички и општествени поредоци! Не е изненадувачки, владите се натпреваруваа да бидат домаќини на Игрите и ја искористија таа улога за да го зацврстат и нивниот меѓународен имиџ. Така, сега национализмот беснее во текот на целото времетраење на Игрите.
– Таква е моќта на национализмот. Национализмот е идеја дека луѓето формираат различни племиња базирани на заеднички јазик, култура, етничка припадност и самосвест, и таквите групи треба да бидат способни да се самоуправуваат. Тоа е и неизмерно моќна и донекаде мистериозна идеја: Зошто луѓето чувствуваат чувство на приврзаност или сродство кон милиони луѓе што никогаш не ги сретнале едноставно затоа што се дел од иста нација? Уште поинтересно, зошто поединците прават жртви – и, во некои околности, го ризикуваат својот живот – за оваа „замислена заедница“? Да повторам: Зошто навивам за спортисти што не ги познавам (но носат дрес и национален грб на мојата нација), знаејќи добро дека веројатно ќе се навивав против нив ако случајно носат различен дрес?
Ние се однесуваме на овој начин затоа што сме социјални животни, а „нациите“ се најголемата социјална група во која повеќето луѓе чувствуваат моќно чувство за идентитет и приврзаност кон нив. Владите од секаков вид веќе долго време се обидуваат да го зајакнат чувството за национален идентитет, бидејќи тоа го отежнува освојувањето на државата, ја олеснува внатрешната трговија, ги охрабрува граѓаните да прават жртви за општото добро и обично им олеснува на оние што се на власт да управуваат. Не е изненадување што лидерите честопати се обраќаат со националистички апели за да ја зајакнат поддршката. И безмилосните апели кон национализмот беа голем дел од пораките на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, иако беа целосно неискрени – пишува во анализата на „Форин полиси“.
Наспроти негативните искуства, постои голема шанса да се засили позитивната мотивација на национализмот
Во објективното согледување на авторите на анализата, нема сомнение дека национализмот може да биде извор на значителни проблеми.
– Но национализмот исто така има свои доблести, и во последно време мислев дека би можеле да го искористиме малку повеќе. Како што е наведено погоре, патриотизмот и националното единство може да го отежнат освојувањето на земјите од туѓинци и со тоа да ја зголемат националната безбедност. Еднакво важно, национализмот ги охрабрува граѓаните да ја жртвуваат својата индивидуална благосостојба за доброто на нацијата од која се дел и да се гордеат што помагаат таа нација да се подобри, дури и ако нивните себични интереси не се унапредуваат. Може дури и да доведе некои спортисти да се претстават подобро на меѓународни натпревари – се нагласува и позитивниот аспект на национализмот како мотивација за надминување на себичните интереси во општествата.
Од досегашниот тек на настаните во справувањето со предизвиците на пандемијата, во анализата на „Форин полиси“ се констатира дека „депресивен аспект на непостојаниот одговор на пандемијата е отсуството на моќен, обединет дух во можноста „сите сме заедно во ова“. На пример, во спротивност со широкиот дух на националната жртва што го анимира одговорот на САД за време на Втората светска војна (како возење со отпад, кампањи за воени обврски, рационализирање и волонтирање за воена служба), кампањата против ковид-19 е поткопана со широка себичност од самиот почеток! Причината за таквата состојба, авторите на анализата ја детектираат во убеденоста на многумина (поттикнато од однесувањето на тогашниот претседател Трамп) дека носењето едноставна памучна маска не е само банална жртва за доброто на нивната земја и заедницата туку опасно нарушување на нивната слобода. Со други зборови, нивната лична удобност и его беа поважни отколку здравјето на нивните сограѓани, или пошироката заедничка цел да ја оставиме пандемијата зад нас. Според авторите, тоа продолжува со сите оние кампањи против вакцинациите, чие себично одбивање да се инокулира, овозможи делта- сојот брзо да се шири и да го донесе најновиот бран на инфекции.
– Ваквите тактики несомнено функционираат кај некои луѓе, но каде се патриотските апели до нацијата во целина да се обедини и да се заштитат едни од други од јасна и премногу присутна опасност што уби 200 пати повеќе луѓе отколку што загинаа на 11 септември?
И каде е широката и широкораспространета социјална санкција насочена против оние против вакцини, острацизмот што би бил насочен кон секој што ги бранел дејствата на Ал каеда по 11 септември? Пандемијата, исто така, предизвика многу поголема економска штета отколку што некогаш направил основачот на Ал каеда, Осама бин Ладен… – се наведуваат аргументите за навраќање кон национализмот во борбата против пандемијата.
– Накратко, малку повеќе национализам би годел овие денови. Не мислам на самопослужувањето и историски игнорантниот шовинизам на поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео или верзијата на американската историја на Комисијата на Трамп од 1776 година. Мислам на искрен и точен приказ за минатото на Соединетите Американски Држави што ги истакнува многуте доблести на нацијата, додека, во исто време, е доволно самоуверен за да признае каде не успеа… Некои луѓе сугерираат дека само странски непријател може да обезбеди чувство за заедничка цел и единство што се чини дека им недостига на Соединетите Американски Држави денес. Секако, постои одредена логика во таа позиција, но обидот да се генерира единство дома со фокусирање на непријателите во странство има очигледни ризици. Соединетите Американски Држави немаат недостиг од проблеми со надворешната политика, па зошто да не ја соберат нацијата зад еднакво значајна заедничка опасност како коронавирусот, а можеби и да ги поттикне климатските промени? Не сме сосема сигурни како да се справиме со Кина, Русија, Иран и Пакистан, но науката веќе ни даде сѐ што ни треба за да го победиме вирусот. Потребно е само да им се дадат доволно дози вакцини на луѓето. Привлекувањето индивидуален личен интерес нема да ја заврши работата. Време е повторно да играме со карти за национализмот – се повикува како конечен апел во анализата на „Форин полиси“.
Петар Гошев: Кога политичарите го поткопуваат општествениот интерес,
хомогенизацијата оди уште потешко
И покрај настојувањата (кои, за среќа, не престануваат) за заеднички светски одговор на предизвиците на пандемијата, не може да се игнорира реалното искуство за изблиците на национална себичност и несолидарност во рамките на меѓународната заедница, во првите мигови на соочување со опасноста од коронавирусот. На почетокот од пандемијата тоа најдраматично го почувствува Италија, а потоа (не)солидарноста (не)принципиелно се манифестира и во распределбата на вакцините, и покрај теоретски воспоставениот систем – „Ковакс“… Таквите ефекти на „национална себичност“ ги почувствува и Македонија, каде што сериозната вакцинација започна неколку месеци подоцна отколку во светот. Со такви различни искуства во справувањето со т.н. заедничка глобална опасност, легитимно се поставува прашањето дали е дозволен национализмот за сите во справувањето со ковид-19?
– Не може да се има два аршина во методите и начините за справување со светските предизвици, во случајот со пандемијата: еден за дома, друг за надвор. Светот е организиран по принципот нација-држава. Додека е тоа така, поигрувањето со национализмот може да излезе надвор од контрола. Дури и кога национализмот има бениген призвук, како „спортски национализам“. И самите Олимписки игри се замислени како индивидуален натпревар, но се претворени во борба за престиж и докажување на државите. Секако, во поредокот држава-нација полесно е да се хомогенизира нацијата врз опасноста од надворешен непријател, отколку за совладување заедничка опасност, глобална закана. Општествата, во принцип, се слоевити и некаква хомогенизација најлесно се постигнува со проекција на надворешен непријател. Некој треба упорно и посветено да работи на препознавање на заедничкиот, јавен интерес како мотив за општествена хомогенизација пред некоја опасност. Кога политичарите не работат на тоа, туку цело време играат политички игри, опасноста поттикнува општествени поделби наместо хомогенизација – вели Петар Гошев, македонски политичар и економист со децениско искуство и експертиза на двете полиња.
Според процената на Гошев, парцијалните интереси на политичките и економските елити ги манипулираат и дополнително ги разделуваат општествените групи, а притоа и понатаму приоритет е да се остане на власт, наместо да се одговори на предизвикот на опасноста и да се спасат човечки животи.
– Таквиот принцип на политички приоритети се покажа дека функционира како во светот, така и кај нас. Приоритет е да се остане (да се дојде) на власт. За цело време на пандемијата, во Македонија се играат политички игри. Се забрануваа економски активности, а од политички опортунизам му се удоволуваше на религиозниот клер. Понекогаш им се удоволува и на некои економски лобија, во случајот со пандемијата – најмногу на фармацевтското лоби. Сепак, кога светот е така поставен, во рамките на нацијата треба да се препознае заедничкиот интерес за да се постигне хомогенизација. Таквиот процес не е лесен и бара многу енергија. Но кога политичарите го поткопуваат, општествената хомогенизација оди уште потешко – вели Петар Гошев.