Грчкиот парламент со 153 гласа „за“ вчера го ратификува договорот од Преспа, кој, меѓу другото, предвидува новото име на државата да биде Република Северна Македонија. По речиси 40 часа дебата и говори на 200 пратеници, политички лидери, известувачи и специјални говорници во грчкиот парламент, спикерот Никос Вуцис околу 14 часот премина на поединечно гласање за ратификација на договорот од Преспа.
Од 300 пратеници, „за“ гласаа 145 пратеници од СИРИЗА и уште осуммина пратеници од пет други партии. „Против“ беа пратениците од Нова Демократија, Златна зора, Комунистичката партија, АНЕЛ, КИНАЛ и неколку независни пратеници.