Онлајн-петиција за одземање на бугарското државјанство на Македонци што шират омраза за Македонија е креирана од фејсбук-страницата „Бугари од Македонија“, чиј основач е бугарскиот државјанин Димче Јамандиев, објавува „Макфакс“.
Токму „Макфакс“ стапи во контакт со него, а тој вели дека се решил на ваков чекор бидејќи Бугарија има проблем со тоа што не се прикажува вистинската историја призната во целиот свет.
– Треба да се смират страстите од двете страни и некои работи ќе си дојдат сами по себе, а вистината за историјата ќе се покаже порано или подоцна. Иднината е во ЕУ. Срамота е во 21 век да зборуваме за омраза кон личности, само затоа што се чувствуваат поинаку. Немаме проблем со тоа што сте Македонци, имаме проблем што не ја признавате вистинската историја призната во целиот свет. И така се создава омраза кон Бугарите и Бугарија – вели Јамандиев за „Макфакс“.
Петицијата досега е поддржана од повеќе од 190 лица. Здружението од страницата ги повикува сите владини и невладини организации да ѝ се приклучат на иницијативата.