Пабло Неруда почина под сомнителни околности дванаесет дена по државниот удар на Аугусто Пиноче против претседателот Салвадор Аљенде, кој беше голем пријател на поетот. Пабло Неруда ја доби Нобеловата награда за литература во 1971 година.
Панел од правни и медицински експерти ја започна финалната анализа за конечно да се утврди дали големиот поет Пабло Неруда бил убиен за време на диктатурата на Аугусто Пиноче, која траела од 1973 до 1990 година. Eкспертите ќе ги анализираат резултатите од низата студии за посмртните останки на чилеанскиот поет, кој почина на 23 септември 1973 година.
Според официјалната верзија на воениот режим, Неруда починал од влошување на здравственaта состојбa, предизвиканo од рак на простата. Оваа верзија беше целосно отфрлена од група од 16 експерти во октомври 2017 година, но тие не ја утврдија точната причина за смртта на Неруда. Потоа беше отворена нова истрага за отровот пронајден во останките на поетот, чие тело беше ексхумирано во 2013 година.
Групата експерти имаат задача да утврдат дали има доволно докази дека токсичната супстанција ја предизвикала смртта на поетот и дали му била дадена на Неруда додека престојувал во приватна клиника во Сантијаго. Своите заклучоци вештаците ќе ги достават до судот на 7 март.
Пабло Неруда, добитник на Нобеловата награда за литература во 1971 година, почина на 70-годишна возраст, додека се подготвуваше да ја напушти земјата за Мексико, каде што требаше да игра важна улога во спротивставувањето на режимот на Пиноче.