Фото: Архива

Пет иницијативи се доставени до Уставниот суд за лични карти, возачки дозволи и пасоши и толку предмети се веќе оформени. Иницијативите се однесуваат на периодот на издавањето на овие лични документи, односно на нивното времетраење зашто некои се уште се со важност, како и на слободата на движење која е ограничена, рече денеска претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска.

Според Кацарска, граѓаните треба да знаат дека слободата на движењето не е надлежност на Уставниот суд. Ако беше, како што напомена, воведена уставната тужба, тогаш тие ќе можеа да се обратат до Уставниот суд за секое барање, секоја слобода и право што им е загарантирано со Уставот.

-Точно е дека во Судот се пристигнати, чинам, пет предмети. Оформени се пет предмети. Сите се доставени до тимови, судија известител и советник на Судот. Во однос на временскиот период кога ќе бидат тие предмети ставени на седница, не би можела да ви одговорам зашто тоа зависи исклучиво од тимот што работи, а јас никогаш не се мешам во работат на судијата и на советниците. Се работи за она што е актуелно во нашата држава – за личните карти, за возачките дозволи и за пасошите. Конкретно не можам да кажам што е оспорено, но секако дека е оној период на издавање на личните документи, нивното времетраење, зашто има некои документи кои се се уште со важност, и слободата на движење која е ограничена на овоиј начин. Но, тука граѓаните би морале да знаат дека слободата на движењето не е надлежност на Уставниот суд – истакна Кацарска, одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на поштенска марка по повод 60 години Уставен суд.

Мора да се разграничи, додаде, дека согласно членот 110 алинеа 3 од Уставот, што е надлежност на Уставниот суд.

-Токму тука би нагласила дека сега политичарите, се надевам, ќе разберат зошто 2,5 години бев силен поддржувач на воведувањето на уставната тужба. Ако ние го имавме овој институт, уставна тужба, тогаш граѓаните ќе можеа да се обратат до Уставниот суд за секое нивно барање, за секоја слобода и право што им е загарантирано со Уставот. Се надевам дека сега ќе разберат без да ме критикуваат зошто барав измена на Уставот, односно проширување на неговата надлежност – потенцира Кацарска.

Таа напомена дека во однос на ситуацијата со личните документи, лично и како правник и судија не може да го каже своето мислење зашто е претседател на Уставниот суд.

-Со оглед дека сум претседател на Уставниот суд мојот личен став како правник не би смеела да го кажам. Повторно ќе речам, и за дискриминација Судот одлучува, но, во Уставот е наведено за кој вид дискриминација можеме ние да работиме – по однос на пол, раса, вера, политилка припадност,… Моето лично мислење, како човек и како правник, морам да го задржам за себе – подвлече Кацараска.