Процесот за поголема децентрализација на општините е зависен од политичката волја. Ова е резимето на одговорот на министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на новинарско прашање кога и како ќе имаат општините поголеми надлежности.
Министерот Пенов по денешното потпишување на договор со Општина Тетово, појасни дека најмногу се мисли на финансова децентализација односно општините да добиваат повеќе средства од државата кои ги собира преку данокот на додадена вредност.
– Датум не може да има, но на тие процеси се работи, се бара моментот кога ќе има политичка волја за да еден таков системски закон помине и во парламентот. Од една страна точно е, на општини како Тетово и другите поголеми општини треба да им се даде многу брзо поголема можност да функционираат самите и самостојно. Но, исто така има и општини и каде овој тип на мали ингеренции се уште не можат да ги исполнат како што треба. На натамошните чекори за децентрализација се работи. Во моментот парламентот е блокиран, не е реално да се очекува да отвориме една таква дебата во овој момент – изјави Пенов во Тетово одговарајќи на новинарски прашања.
Според градоначалникот Биљал Касами во ситуацијата во која се наоѓаат, општините немаат доволно можности за да им излезат во пресрет на граѓаните и затоа, како што рече, се смета дека е потребно да се зголеми динамиката на децентрализација.
– Ние не може да кажеме за нови приходи односно зголемување на децентрализацијата односно ингеренциите на општината, се додека го немаме реализирано и овој план што го имаме. Има некои предлог ЗЕЛС, има разговори и во Владата за продолжување на таа динамика, но за жал кај нас од се прави политика. Мислам дека развојот на општините нема ниту етнички, ниту политички карактер, туку тоа е во интерес на сите граѓани без разлика на која политичка групација припаѓаат. Се додека немаме власт поблиску до народот, а тоа е локалната власт, ние ќе имаме такви ситуации кога се губи и време и средства во овие комплицирани ситуации – изјави Касами.
Еден од главните проблеми на општина Тетово, нагласи Касами, е тој урбан хаос во кој се наоѓаме.
– За мене е несфатливо особено ДУП да одат на усвојување во Министерството за транспорт, разбирливо е да ГУП и Просторниот план кои се и национален интерес да бидат изменаџирани со централна власт во делот на Министерството за транспорт. Но, кога работиме и разговараме за внатре организирање на градовите на општините, тоа би било да биде чиста локална општинска надлежност – рече Касами.
Според него, централната и локалната власт такви препрелетувања на надлежностите имаат и во други области како земјоделие и слично.