Фото: Кабинет на претседателот

Претседателот Стево Пендаровски денеска беше во прва посета на Врховната команда на силите на НАТО за Европа во Монс, Белгија, каде одржа средба со врховниот командант на силите на НАТО и на трупите на САД во Европа генерал Кристофер Каволи.

Пендаровски на средбата побарал од НАТО отворање на центар за кибербезбедност по повеќето хакерски напади со кои се соочи земјата во изминатиот период, објави МИА.

По средбата со Каволи, претседателот Пендаровски имаше кус брифинг со македонските новинари, кои се гости на Одделот за јавна дипломатија на НАТО. Притоа истакна дека тема на разговорите со Каволи била војната во Украина и невоената помош што Алијансата ја дава за украинските сили, како и за придонесот што Македонија во рамките на своите капацитети го пружа на Украина со цел прекин на воената агресија, одбрана на демократските вредности и воспоставување на мирот.

Проценките на високи НАТО претставници се дека не се очекуваат поместувања на линијата на борбените дејствија во текот на зимскиот период, но и дека ќе продолжи невоената поддршка на НАТО за Украина се додека Киев има потреба за тоа и на средбите со македонските новинари посочија дека никој не може да каже кога ќе заврши војната во Украина, но поддршката за Киев ќе продолжи се додека има потреба за тоа.

Во разговорот на Пендаровски и Каволи станало збор и за прашања од регионално значење, како и за безбедносната состојба во Косово каде Македонија партиципира во КФОР мисија предводена од НАТО со контингент од 65 војници.


ЕУ е најдобрата алтернатива и патеката од која нема да се откажеме, порача Пендаровски во Брисел

Европската Унија е најдобрата алтернатива и патеката од која нема да се откажеме, истакна претседателот Стево Пендаровски денеска во Брисел на Самитот ЕУ – Западен Балкан што се одржа во организација на аналитичкиот центар (тинк – тенк) Пријатели на Европа.

На сесијата во рамки на Самитот, претседателот истакна дека историски момент и значаен исчекор за Македонија е отворањето на преговорите за членство во ЕУ оваа година, но дека почетокот на овој процес истовремено имаше висока цена за нашата земја, имајќи го предвид противењето на преговарачката рамка, која сепак на крајот беше усвоена. Тој посочи на истражувањата на јавното мислење и падот на евроентузијазмот, односно поддршката за интеграција во Европската Унија во последните 18 месеци.

Претседателот Пендаровски рече дека одговорното политичко лидерство треба да покаже дека ова е најдобрата алтернатива за нашата држава, за просперитетот и за вистинска трансформација во виталните области на нашето општество, нагласувајќи дека ова е патеката од која нема да се откажеме.

На тој пат, додаде тој, очекуваме целосна поддршка од страна на ЕУ и ја потенцираше неопходноста Западниот Балкан постојано да биде во фокусот на Унијата, не само кога Европа се соочува со предизвици како што е војна, или мигрантска криза.

Во дискусијата, претседателот посочи дека се потребни промени како во нашиот регион, така и во Брисел, додавајќи дека сè додека Унијата не го промени начинот на одлучување, не може да се очекува голем прогрес во однос на проширувањето, но и на другите политики. Понатаму, тој истакна дека колку помалку ЕУ е присутна во нашиот регион, толку повеќе ќе се даде простор за Русија и за разни тоталитарните модели на управување.

На прашање во однос на улогата на младите во евроинтеграциите и како да се зголеми нивното влијание и улога во процесот на одлучување и креирање политики, претседателот Пендаровски рече дека тој секогаш го поддржувал младинскиот активизам и иницијативи, посочувајќи го и формирањето на Претседателскиот центар за политичко образование, во насока на јакнење на демократските политички вредности и придонес на младите за позитивен развој на општеството.

Шефот на државата ја потенцираше важноста од нивната улога во севкупниот напредок на општеството, додавајќи дека е невозможно да се усвојуваат легислативи кои ќе бидат во корист само на младите, или само на постарата генерација, туку потребни се промени од кои ќе имаат бенифит сите генерации. Воедно, тој го посочи иселувањето и негативната демографија како сериозна закана за нашите општества.

На Самитот, покрај претседателот Пендаровски, учествуваше премиерот на Република Албанија, Еди Рама и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.