Пред 21 година, во Охрид, претседателите на четирите тогашни најголеми политички партии заедно со претседателот Борис Трајковски и претставниците на ЕУ и на САД го потпишаа Рамковниот договор кој ја спречи натамошната ескалација на конфликтот и донесе мир и стабилност како предуслови за натамошен демократски развој на македонското општество, напиша претседателот Стево Пендаровски во пораката по повод одбележувањето 21 година од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Клучните придобивки од договорот, како што посочува претседателот Пендаровски, беа зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата. Со него, како што вели, се поставија и темелите за уставни и законодавни измени со кои се гарантираат правата на помалку бројните етнички заедници.
-Во изминатите 21 година, меѓу другото и преку имплементација на Рамковниот договор станавме членка на НАТО, а, добивме статус на кандидат и ги отворивме преговорите со Европската Унија. Во тој процес изградивме модел на функционална мултиетничка демократија која ги зачува мирот и стабилноста и постави највисоки стандарди за правата на заедниците – напиша Пендаровски.
Тој посочува дека денес кога сведочиме на војна на европско тло и кога живееме под притисокот на старите и новите безбедносни закани мораме секогаш пред очи да го имаме еден од основните принципи на Рамковниот договор со кој употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна и демократска иднина.
-Сите наши напори во иднина да ги насочиме кон многу посилен економски развој, квалитетно образование и здравство, и здрава животна средина во која ќе постојат сите претпоставки за секој наш граѓанин да ги реализира своите амбиции и потенцијали – истакнува шефот на државата.