Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Прајс Агелер, соопшти кабинетот на шефот на државата.
Посакувајќи и добредојде и успех во работата, Пендаровски истакна дека фактот што ова не е прв дипломатски престој на Агелер во Скопје и е одличен познавач на состојбите во земјава, претставува значајна претпоставка за натамошно збогатувањето на билатералните односи.
– Република Северна Македонија во континуитет посветува посебно внимание на развојот на пријателските односи и билатералната соработка со Соединетите Американски Држави, кои ги сметаме за голем пријател, значаен економски партнер и искрен поддржувач во најтешките моменти уште од нашата независност. Впрочем, постојаното унапредување на нашите односи е надворешно политичка аксиома, која е приоритет на сите релевантни политички фактори во Северна Македонија – истакна претседателот Пендаровски по примањето на акредитивните писма од амбасадорката Агелер.
Посочи дека билатералните односи се градата и унапредуваат и како сојузници во НАТО Алијансата, споделувајќи ги заедничките вредности на демократијата, слободата и човековите права, како и заложбите за меѓународен поредок базиран врз правила.
– Во контекст на последните геополитички предизвици и руската воена агресија врз Украина, дозволете да констатирам дека нашето цврсто пријателство добива уште повеќе на значење и истото претставува гаранција за стабилноста и просперитетот на мојата држава и регионот на Западниот Балкан – во целина, рече шефот на државата.
Тој оцени дека политичкиот дијалог меѓу двете држави постојано се интензивира и се одвива на повеќе нивоа. Посебно задоволство изрази од фактот што оваа година го започнавме Стратешкиот дијалог, како прва земја од Западниот Балкан.
– На тој дијалог гледаме како на заеднички интерес за конкретизирање на нашата соработка во сите сфери од заемен интерес. Подготвени сме за сеопфатно кревање на нивото на односи и уште поголема координација и соработка во сферите на економијата, одбраната, безбедноста, инвестициите, образованието, културата, науката и животната средина. Посебен квалитет во нашите односи сите овие години дава и многубројната македонска дијаспора во Вашата земја, која, освен мост на пријателство меѓу нашите народи, претставува и сериозен потенцијал за развој на економските врски – рече Пендаровски.
Тој се заблагодари за досегашната поддршка на Соединетите Американски Држави за започнување на пристапните преговори на Северна Македонија за членство во Европската Унија, нагласувајќи дека е уверен оти реформите во клучните сфери: владеењето на правото и борбата со високата корупција, негувањето на културата на одговорност, транспарентноста и функционалноста на институциите, треба да го одредат натамошниот развој на македонската демократија и конечното членство во Европската Унија.
– На тој пат, анахроните теми и дискусии за идентитети и наметнати историски вистини претставуваат сериозна пречка која има потенцијал да го закочи нашиот интегративен пат и, со самото тоа, да го држи целиот регион во неизвесност, а тоа генерира нестабилност. Всушност, започнатиот дијалог во рамките на Самитот за демократија, под водство на претседателот Бајден, е најдобриот показател кон какви цели треба да се стремат демократските држави во меѓусебните односи. Поаѓајќи од оваа констатација, уверен сум дека поддршката од Вашингтон ќе продолжи и во периодот што претстои, со очекување за уште посилно вклучување на Соединетите Американски Држави, како гарант за мирот, стабилноста и просперитетот на Западниот Балкан, во светло на видливите последици на Континентот од руската воена агресија врз Украина – истакна Пенадровски, замолувајќи ја амбасадорката Агелер да го пренесе неговиот поздрав до претседателот на САД Џозеф Бајден, со желба за негово добро здравје и успех во извршувањето на неговата исклучително важна улога во зачувувањето на мирот и безбедноста во светот.
Амбасадорката Агелер посочи дека е горда што го претставува претседателот и американскиот народ како амбасадор на САД во Република Северна Македонија.
– Имав голема привилегија да служам тука, во оваа прекрасна земја, чијашто култура, луѓе, јазици и историја ги засакав. Во периодот, откако последен пат бев тука, Северна Македонија се соочи со големи предизвици и донесе тешки одлуки, одлуки што ја поместија земјата понапред на патот на евроатлантските интеграции. Оваа земја го промени своето име за да стане 30-тата членка на НАТО Алијансата – нашиот најнов сојузник. Ги отвори пристапните преговори за членство во Европската Унија, зацврстувајќи ја својата позиција како лидер во градењето на безбедноста и просперитетот на Западен Балкан. Вашето претстојно претседавање со ОБСЕ во 2023, ја покажува клучната улога што земјата ја игра за иднината на Европа. Иднината е навистина светла, и покрај тоа што земјата се соочува со стари и со нови предизвици – рече Агелер.
Денес сум овде, додаде амбасадорката, да ветам дека нема сами да се соочите со тие предизвици.
– Соединетите Американски Држави, Амбасадата и јас ќе сториме сè што е во наша моќ да им помогнеме на луѓето во Северна Македонија да успеат да ги прифатат и да ги надминат сите тие предизвици. Ви го давам мојот личен завет дека ќе стоиме рамо до рамо со луѓето на оваа земја, така како што земјата ги остварува своите цели за мир, просперитет, безбедност и независност за сите свои граѓани – кажа Агелер.
Укажа дека Европа се соочува со најголемата закана, каква не е видена со генерации, а Северна Македонија, како сигурен, активен сојузник во НАТО, придонесува за безбедноста и стабилноста во Европа.
– Повеќе од 30 години работиме заедно за да го обезбедиме заслуженото место на Северна Македонија во поголемата европска заедница, преку поддржување на основните вредности на една просперитетна демократија – почитување на владеење на правото, еднакви можности за правда, економски раст и лично изразување, како и преку посветеност кон постигнувањето на овие цели отворено и транспарентно. Северна Македонија се соочува со предизвици во темелите на сите овие столбови. Како што вие продолжувате да одите напред, така Соединетите Држави ќе бидат тука како партнер, сојузник и пријател, негувајќи односи, што ќе стануваат се посилни, подлабоки и попродуктивни – нагласи новата американска амбасадорка Анџел Агелер на предавањето на акредитивните писка кај претседателот Стево Пендаровски.