Фото: Генералштаб на националната армија на Грција/Илустрација

Четири од повредените лица во пожарот во Кочани, денеска се враќаат од странство, соопшти Министерството за здравство.

Станува збор за двајца пациенти кои се лекувани во Хрватска, еден во Шведска и друг во Италија.

– Во странство се хоспитализирани 60 пациенти. Непроменета останува состојбата на пациентите кои се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти – појаснуваат од Министерството за здравство.

Во болниците во државава во моментов се лекуваат седуммина пациенти. Четворица се во хируршката клиника „Свети Наум Охридски“, двајца пациенти во приватната болница „Систина“ и еден пациент на Клиниката за пулмологија.

Од Министерството за здравство истакнуваат дека континуирано се следи состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и понатамошна рехабилитација.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Во трагедијата животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа поврдени.