Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на брифинг со новинари изјави дека прашањето на македонскиот јазик е решено и дека треба да се „демонтираат“ сите лаги поврзани со него.

Османи тврди дека во рамката што треба да биде потпишана со Европската унија ќе стои дека Северна Македонија ќе го преведе законодавството на македонски јазик исто како и во рамките на други земји. Својот став Бугарија ќе го искаже во изјава која ќе влезе во записникот, а според него, таа ќе биде изјавата што беше срочена во рамки на Португалскиот предлог.

-Ги убедивме 26-земји членки да ја прифатат нашата верзија со дозвола на Бугарија –  рече Османи.

Бугарија, како што тврди, ќе го искаже во изјава согласно Португалскиот предлог односно дека македонскиот јазик не постоел до 1945 година и дека бил еден од нивните дијалекти, вели Османи, во записникот ќе има исто така изјава.

Министерот за надворешни работи вели дека и вчера, но и денеска сака да ја демонтира „логиката дека треба да останеме блокирани за да не не блокираат во иднина, која што е на некој начин нелогична фраза сама по себе и граматички, но и суштински. Бидејќи од стравот да не не блокираат да останеме блокирани, тоа е за мене ирационално и штетно“.  

Ирационално и штетно е да се тврди и дека ќе има смена на идентитет, бугаризација… Напротив, вели шефот на дипломатијата, се затвора еднаш засекогаш прашањето за јазикот, кој беше оспруван од некои во ЕУ.

Османи на брифингот со новинарите објасни како се одвивале разговорите односно што и зошто така стои во рамката, појаснувајќи дека таа се усвојува истиот ден кога ние ќе кажеме „да“ за пакетот.

-И тука се затвора Уставот на преговарачкиот процес. Тоа е документот којшто нас не врзува веќе со ЕУ. Во таа рамка пишува чист македонски јазик без никакви додавки и од тој момент станува официјален јазик на ЕУ во преговарачкиот процес, а потоа со членството во ЕУ – потенцира Османи.

Наведе дека Бугарија сакала да го нема тој параграф воопшто и оти се повикувле на црногорскиот модел. 

-Во овој устав вели: „Северна Македонија ќе обезбеди превод на европското законодавство на македонски во текот на преговарачкиот процес“. Земете ја српската рамка – е истиот параграф. Сега Република Србија ќе обезбеди превод на европското законодавство на српски јазик. Земете ја албанската,  земете ја црногорската, апсолутно иста формулација за јазикот. Ако ова не е најголемата победа во процесот, ако ова некој го смета како еден спореден ефект затворање засекогаш на прашањето на јазикот после ОН сега и ЕУ никогаш, никаде нема да има спор по однос на јазикот. И сега со завршените други прашања тука се завршува прашањата на јазички, идентитетски – се завршува во рамката – рече Османи.

Министерот потенцира дека за јазикот сите шпекулации дека има фуснота, сите шпекулации дека има какви било квалификации во рамката, се неточни и лажни.

-Да, има еднострана изјава на Бугарија, но не во рамката, туку во записникот. Сметајте како ова да е состанок во којшто ја усвојуваме рамката, некој тука ќе каже да, ама јас имам мислење. Записничарот вика кажа вакво мислење, но тоа не влегува во документот, не влегува во заклучоците. Едноставно записничарот пишува дека некој кажал нешто и тоа еднаш и никогаш повеќе. Тоа е португалскиот предлог – нема никакви правни импликации по употребата на јазикот, кон интерпретација на јазикот. Можам најодговорно под целосна одговорност да кажам дека ова е чисто прашање и сите коментари по однос на јазикот се лажни, манипулативни од суета, од непознавање и сите други можни аргументи, но вистината е ова – во рамката се официјализира македонскиот јазик како таков и влегува дел од 25-те европски јазици – рече Османи. 

Според него, лага е исто така дека билатералните прашања односно дека историските прашања влегуваат сега во рамката, зашто тие биле скогаш дел од рамката. Тој ги според германскиот и сегашниот предлог. Османи вели дека Уставот ќе биде отворен, но откако ќе помине првата меѓународна конференција и оти во него ќе влезат Црногорците, Хрватите и Бугарите.

-Добиваме историска рамка да ги почнеме преговорите утре, задутре кога сакаме ние, да почнат да доаѓаат фондови, да смениме курс на државата – рече Османи.


Договорите со Бугарија секогаш биле дел од рамката, вели Османи

Министерот Османи на денешниот брифинг со новинарите рече дека е лага дека билатералните прашања односно дека договорите со Бугарија се внесени во рамката со сегашниот европски предлог, потенцирајќи дека тоа било со сите предложени рамки досега. Ново, вели тој, е дека делот за човековите и малцинските права „во францускиот предлог само е спуштен во посебен параграф, надвор од патоказот како засебен акциски план“.

-Кажуваа дека договорите влегле во оваа рамка. Не е точно. Договорите секогаш биле во секоја варијанта на рамката, откога постои рамка, откога постои разг овори меѓу нас и ЕУ. Значи првата лага во овој пакет, бидејќи сакам така да ги демантираме едно по едно е дека има нешто договорите со Бугарија биле внесени во рамката. Не е точно. Секогаш биле во рамката – рече Османи.

Ја цитираше новата рамка:„Обврска за добрососедски односи вклучувајќи и опипливи резултати во имплементација, во добра волја на билатералните договори вклучувајќи го Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, како и годишните прегледи и мерки за негова имплементација.

-Тоа е разликата меѓу прифатливата рамка од сите други и новата француска рамка за која што се покрена хистерија. Значи што е разликата? Овде вели договорот, а тука договорот, годишните прегледи и мерки за имплементација. Што е разлика меѓу договор и негова имплементација? Тука вика да го имплементирате договорот со опипливи резултати, овде вели опипливи резултати на Договорот како и годишните прегледи за негова имплементација. Тоа е тоа во општиот дел. Ова не е во делот кај што се патоказите. Многу е тоа важно, – потенцира Османи.

Разлика помеѓу прифатливот германски и новиот француски, според министерот за надворешни работи, е апсолутна тафтологија и е прашање на формулација на реченици.

-Лага е дека историските прашања, билатералните прашања се влезени во францускиот предлог различно од кои било други предлози-  рече Османи. 

Во делот на одредниците односно патоказот, министерот објаснува дека делот за човекови и малцински права „во францускиот предлог само е спуштен во посебен параграф, надвор од патоказот како засебен акциски план“

-Повторно е истата содржина во која што вели: „Северна Македонија низ инклузивен процес ќе подготви акциски план наменет за заштита на правата на лицата коишто припаѓаат на малцинствата и заедниците, вклучувајќи го полето на недискриминација, борба против говор на омраза, образование – се мисли на образование на право, не се шпекулира дека се тоа историски прашања, како и ефективни мерки за идентификување на одговорни институции коишто тоа ќе го гарантираат“. Тоа е во нашиот акциски план за малцински права – нагласи Османи. 

Според него, ова е единственото билатерално прашање внесено во рамката

Замислете каква хистерија се создаде дека во рамката во францускиот предлог има некои механизми, значи се што има во овој предлог прво беше место Договор за добрососедство, Договор за добрососедство и негова имплементација што е апсолутно исто и второ, акцискиот план за човекови права е спуштен од еден параграф во друг параграф. И се манипулира јавноста дека ова е предавство, дека тука има нешто ново, рече Османи.

Во оваа рамка нема ништо ново, тврди шефот на дипломатијата.

-Тоа што е ново е дека во оваа рамка македонскиот јазик е како и сите јазици под ист статус во ЕУ и дека се само овие две прашања коишто повеќе создаваат впечаток дека е нешто ново направено за да се создаде впечаток за компромис се надевам дека ова нема да штети во Бугарија, меѓутоа јас тие ќе ги бранам овие позиции секогаш, ништо друго нема. Ништо друго нема. Лага е дека францускиот предлог прави нешто повеќе отколку што правеше претходниот германски предлог и дека ние никогаш не сме имале обврски кон Договорот со Бугарија и Договорот со Грција, истакна Османи. 

Македонија ќе ги вметне во Уставот Црногорците, Хрватите и Бугарите, и тој процес на уставни измени, како што објасни, би бил пред отворањето на првото поглавје.

очетокот на преговорите, прва меѓувладина конференција, отворање на преговорите, фул скрининг процес до завршување на скринингот пред отворање на првото поглавје треба да направиме уставни измени. Кои уставни измени? Заедно со шест други заедници да ги внесеме и Црногорците, Хрватите и Бугарите – рече Османи. 

Бугарите ќе ги добијат сите права како што ги добиваат сите наши државјани и немаат ништо помалку права од сите нас, од премиерот, од претседателот…, вели министерот.

-Внесувањето на Бугарите рамо до рамо со македонскиот народ за првпат отвора нов пристап и тоа директно во уставот на односите помеѓу бугарскиот народ и македонскиот народ за кој секогаш имаше различен пристап во Република Бугарија –  оцени Османи