Фото: МИА

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, потврди дека членките на НАТО денеска ќе разговараат за испраќање засилена помош во Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Како што истакна, пак, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, надежта е дека 30-те земји членки ќе се усогласат за испраќање посилна и офанзивна одбрана во Украина за да се справи со рускиот напад.

Министерот Османи, кој учествува на овој вонреден состанок за надворешни работи денеска во Брисел изјави дека зголемувањето на оваа воена поддршка за Украина ќе биде една од темите на денешниот состанок.

Тој повтори и дека НАТО ќе испрати повторно порака на обединетост и солидарност со Украина.

Османи, исто така, нагласи дека е важно идниот стратешки концепт на НАТО, за кој исто така ќе се разговара овие два дена, да го зајакне и југоисточниот дел на Алијансата.

– Сите аспекти треба да се рефлектираат во овој следен стратешки концепт, да се зајакне партнерството со ЕУ и да се забрза ангажманот кон Западен Балкан со цел засилување на стабилноста и безбедноста на југоисточниот дел – рече Османи пред почетокот на вонредниот министерски состанок на НАТО.