Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во повеќе градови во Македонија, и со централно чествување во Скопје, денеска беше одбележана 152-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делев.
Под полициско обезбедување, во црквата св. Спас во Скопје, каде се наоѓаат моштите на Делчев, цвеќе положи државниот врв, политичките лидери, министри, претставници на Град Скопје, институции, невладини здруженија, организации и граѓани.

-Денеска, на 152-годишнината од раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев, се сеќаваме на неговиот историски придонес за слободата, независноста и самобитноста на македонскиот народ – напиша претседателот Стево Пендаровски, на неговиот официјален Фејсбук-профил по чествувањето на гробот на Делчев.

Од владината делегација, предводена од вицепремиерот Бојан Маричиќ, истакнаа дека „пораките на Гоце Делчев претставуваат света обврска за сите нас, посебно во процесот на водење на државата кон Европската Унија“.

Црковната делегација на гробот на Делчев ја предводеше поглаварот г.г. Стефан, кој во своето обраќање рече дека „не треба да размислуваме само колку се гордееме со Гоце, туку и колку тој се гордее со нас, дали не смета за родољубци подготвени да ги бранат неговите аманети“.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека денеска „Македонија се темели на жртвата на Гоце Делчев“, додека лидерот на владејачкиот СДСМ, Димитар Ковачевски, изјави дека „пораките на Делчев се патоказ и света обврска“.

Минатата година на чествувањето на годишнината од раѓањето на македонскиот великан во Скопје беше и бугарска декларација. Оваа година Софија не испрати официјална делегација.