Тони Менкиноски пред охридскиот Основен суд/Фото: Архива/Емил Јовановиќ

Повторно е одложено судењето против адвокатот Тони Менкиноски во охридскиот Основен суд, откако судијата што го води процесот беше отсутен поради боледување, а не не се појавија ниту претставници на Министерството за внатрешни работи, кои се подносители на обвинителниот акт. Адвокатот обвинет за нарушување на јавниот ред и мир, во изјава за „Нова Македонија“ вели дека не сакаат да го судат, за да се избегне создавање на тензии.

– И судијата и другата страна во случајот денеска не беа присутни во судницата. Судењето е одложено на неодредено време и сега ни преостанува да чекаме повторно да нѐ повикаат. Не сакаат да судат, за да не се создаваат тензии – истакна Менкиноски.

Обвинението против него беше поднесено поради истакнување на знамето со шеснаесет зраци на 20 јануари годинава, на празникот Водици, кога охриѓани се собираат на брегот на Охридско Езеро. Во текот на споменатиот настан, знамето беше поставено на остатоците од средновековните ѕидишта во близината на езерото, познати како Долна Порта, кои се сметаат за дел од Самуиловата тврдина.

Менкиноски најави дека ќе бара од Судот да донесе ослободителна пресуда, бидејќи како и во претходните две рочишта не се појавува никој од страната на обвинението, а смета дека ослободителната пресуда ќе значи слобода Македонците достоинствено и гордо да го веат знамето од Кутлеш.

И денеска, како и во повеќе наврати претходно, пред судот во Охрид беа присутни граѓани со развиорени знамиња за да му дадат поддршка на Менкиноски, нагласувајќи дека застануваат зад македонските национални и државни интереси.

Поддршка за адвокатот досега дадоа повеќемина академици и интелектуалци кои посочија дека сонцето од Кутлеш е обединувачки симбол на македонскиот народ. М.Ж.