Фото: МИА

Снимателот на ТВ 24 Љубиша Игнатов вчера во попладневните часови бил нападнат во скопската населба Пржино, каде заедно со неговата новинарска екипа се обидел да сними прилог. Инцидентот, што се надоврзува на нападите и заканите врз снимателите, преставува само уште еден аларм дека се потребни измени во законот, со што нападот врз медиумските работници треба да се смета како напад врз службено лице, оценија од секцијата на сниматели при Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ)

Снимателите на денешната конференција пред Собранието упатија апел што поскоро да се донесат законски измени, бидејќи како што истакнаа медиумските работници се цел на многу опасности.

– Ние како сниматели постојано сме на мета на напади било од граѓани или други. Апелирам до институциите конечно да го решат статусот на медиумските работници, секој напад врз нас да биде третиран врз служебно лице – реагираат од секцијата на сниматели при ЗНМ.

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковдки информира дека во текот на ноќта имало уште еден напад врз медиумски работник во неговиот двор.

– Со оглед на тоа дека станува збор за заканувачка порака, иако сепак нема објективно штета, бидејќи боја може да се исчисити, но трагите од насилството што се случи и од она што може да се случи можат да продолжат и понатаму, бараме целосно разрешување на овие случи – изјави Чадиковски.

Тој испрати апел и до МВР за побрзо и поефективно решавање на случаите на говор на омраза на социјалните мрежи, бидејќи, како што укажа, овие говори на омраза водат кон можни кривични дела, како вчерашниот случај.

-Луѓето можат многу лесно да дознаат каде новинарите живеат, шетаат, она што исто така е многу опасно е дека денес јајце, утре може да биде камен, задутре може да биде било што друго. Нашата работа и совест не дозволува да имаме прекин во работата и ќе продолжиме колку и да има опасности и ризици и токму ова е еден од многуте примери што ги имаме, е дека Кривичниот законик треба да се донесе што поскоро, бидејќи ние сме мета на напади, буквално на кој бил човек. Ние мора да бидеме заштитени затоа што продолжува ова и се повторува – рече новинарот Александар Тодески, кој е дел од нападнатата новинарска екипа на ТВ 24.

Снимателот од МИА, Аслан Вишко беше согласен дека законските измени треба што поскоро да се направат со цел медиумските работници да бидат што позаштитени.

Снимателот на телевизиската екипа на ТВ24, вчера вербално и физички бил нападнат додека снимале видеоматеријал за ТВ прилог. Додека снимателот Љубиша Игнатов ја снимал куќата во која според избирачкиот список живее Олександар Онишченко, сопственикот на куќата, откако претходно упатил пцовки и навреди кон него, физички го нападнал. Олександр Онишченко е украински државјанин кој добил македонски пасош и е на црната листа во Америка. Нападот е пријавен во МВР и полицијата го привела напаѓачот, а за овој случај веќе е поведена тековна постапка.

– Директните физички напади врз медиумските работници не се само напад на нивниот физички интегритет, туку напад на демократијата и слободата на говорот. Македонското Собрание имаше рок од 14 месеци да ги усвои измените на Кривичниот законик за систематско подобрување на безбедноста на новинарите во земјава но тоа до денеска не го направија. Чадиковски додаде дека овој инцидент е уште едно потсетување до сите пратеници дека секој напад на новинар/снимател/фоторепортер треба да биде на нивната совест – изјави Чадиковски за мрежата „Сејф џурналистс“.

Мрежата „Сејф џурналистс“, која застапува повеќе од 8.200 медиумски професионалци од Западен Балкан, се придружува на својата членка ЗНМ и бара соодветна казна за напаѓачот, како и веднаш да се донесат измените и дополнувањата на Кривичниот законик за да се спречат вакви случаи во иднина. Амандманите се долгоочекувани во Македонија бидејќи треба да ги зајакнат санкциите за нападите врз новинари и сите видови напади врз новинари да ги третираат по службена должност. Мрежата ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни чинители за овој случај.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски исто така го осуди нападот.

– Најостро го осудувам нападот врз снимателот на ТВ ’24’, Љубиша Игнатов. Медиумските работници мора да бидат слободни да ги извршуваат своите работни обврски и недозволиви се напади кои ја загрозуваат нивната безбедност и ги обесхрабруваат да работат во корист на јавниот интерес и граѓаните, кои од нив очекуваат навремени и проверени информации. Очекувам брза истрага од надлежните институции и соодветни санкции за сторителот на делото – напиша Пендаровски на Фејсбук.