Независниот академски синдикат (НАкС) денеска преку писмено соопштение го поздрави усвојувањето на дополнувањето на Законот за високо образование, со кој, како што велат, конечно се усогласува висината на платите во јавните високообразовни установи.
Според НАкС, ова доаѓа по континуираните напори и покачувања кои синдикатите во социјалниот дијалог со претставниците на институциите ги договорија во минатите години. Потсетуваат на Гранковиот колективен договор за високо образование и наука од 07.05.2021 на СОНК и НАкС со МОН, со кој платите се зголемија 37 отсто, 10 отсто почнувајќи од 1.9.2021, 10 отсто од 1.9.2022 и околу 17 отсто од 4.5.2023 година.
Посочуваат дека со Општиот колективен договор на јавниот сектор од 20.07.2023 година на Сојузот на Синдикатите на Македонија со Владата, платите линеарно се зголемија за 10 отсто, а со Поединечниот колективен договор на Сојузот на синдикати на УКИМ и Собранието од 29.12.2022, платите на вработените на УКИМ се зголемија за 22 отсто почнувајќи од 1.1.2024 година.
– Со вчерашното дополнување на Законот на високо образование, правото на плата конечно се воедначува за цела гранка на високото образование, со што ќе се обезбеди
еднакво вреднување на трудот на вработените во јавните високообразовани институции. НАкС се залагал и се залага за унапредување на севкупните состојби во високото образование и науката во државата, инсистирајќи дека компетитивноста треба да биде исклучиво на полето на образованието и на науката, а никако во однос на платите – се вели во соопштението.
Укажуваат дека се уште се загрозени правата и положбата на вработените во Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ и самостојните научни институти.
– Ги повикуваме пратениците во Собранието на РСМ, како што изнајдоа решение за државните универзитети, брзо да делуваат и за усвојување на Законот за МАНУ, што во моментов е заглавен во собраниските процедури. Уредувањето на платите во високото образование со закон значи поголема заштита за сите во хиерархијата на правните документи, но носи и опасност за злоупотреба од политичките субјекти и прекинување на социјалниот дијалог со синдикатите. НАкС нема да дозволи да дојде до ова! – се вели во соопштението.
Платите на вработените во секторот високо образование и наука, како што наведуваат, се само еден аспект од финансирањето во високото образование и науката.
– Се надеваме дека унапредувањето на овој аспект ќе значи и конечен почеток на имплементација на одредбите на Законот за високо образование кои се однесуваат на системот на финансирање на високото образование. Очекуваме надлежните институции и тела, како и универзитетите, конечно да се фокусираат на воспоставување систем на финансирање во високото образование и науката со кој ќе се овозможи унапредување на научно-истражувачката и образовната дејност, функционално унапредување на студентскиот стандард и транспарентно и наменско трошење на парите што студентите ги уплаќаат за партиципација и за школарина – се вели во соопштението.
НАкС го повикува Националниот совет по, како што велат, пет години задоцнување, да го уреди прашањето на финансирање на високото образование преку партиципативен процес, имајќи ги предвид спецификите за секое подрачје.
Независниот академски синдикат (НАкС) го поздравува и студентскиот манифест од 6 март 2024 година со кој се предлага изготвување на стратешки документ кој ќе овозможи нов систем на финансирање на високото образование според праксата во регионот, и преку кој ќе се овозможи бесплатно образование на првиот циклус на студии, квалитет наместо квантитет и достоинствен студентски стандард.