Фото: Фејсбук/Џудо федерација на Македонија

Борче Костовски, спортскиот работник, тренер и претседател на Таеквондо федерацијата на Македонија, е добитник на годинашната награда за животно дело „8 Септември“. Најголемиот успех Костовски го постигна како тренер на олимпиецот Дејан Георгиевски, кој го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Токио во 2021 година.

На свеченоста по повод доделувањето на наградите што се одржа денеска во Собранието, Костовски истакна дека ништо не е невозможно за тој што ќе се осмели.

– Една мала група на одбрани се осмеливме да направиме чекор од Скопје до Токио, чекор кој трае седум години. Се осмеливме да освоиме олимписка норма, да ги погледнеме најсилните противници во нашиот спорт во очи и да ги победиме. Се осмеливме да стигнеме во олимписко финале на олимписки игри, сето тоа резултираше со сребрен медал и со поставување на нашето знаме на олимпискиот пиедестал – истакна тој и додаде дека наградата ја посветува на нрговиот татко и на целата, како што рече, „чесна работничка класа“.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, на доделувањето на наградите, нагласи дека сите номинирани за оваа награда ја заслужиле номинацијата. Признанија за остварувања во областа на спортот денеска им беа доделени и на Мирко Димчевски, Рамадан Шабани, и Димитар Јованов од борење, како и на првиот стрелец за Македонската фудбалска репрезентација, Зоран Бошковски.