ПО НАЈАВИТЕ ЗА ОТВОРАЊЕ НОВО БУГАРСКО ЗДРУЖЕНИЕ СО КОЕ СЕ ПРОМОВИРА ФАШИЗМОТ
Правните експерти и институции со кои се консултира нашиот весник се категорични дека Јавното обвинителство треба итно да постапи и да се изјасни за кривичните пријави за здружението „Цар Борис Трети“, кое треба да се отвори на 7 октомври во Охрид. Овој случај треба да се разгледува како кривично дело против државата. Инаку, царот Борис Трети е докажан соработник на фашизмот, тоа е човекот што ја стави Бугарија во фашистичката оска во Втората светска војна. Тој е одговорен и за депортацијата на Евреите од Македонија. Дали Европа ќе молчи и ќе дозволи вакви провокации за промоција на фашизмот
Најавата за „свечено отворање“, на 7 октомври, на бугарскиот културен клуб во Охрид, со контроверзното име на царот Борис Трети, докажан фашистички колаборационист од Втората светска војна, македонската јавност го доживува како континуирана провокација од страна на Бугарија, по сите претходно изразени реакции на револт, кога се дозна за неговото регистрирање во македонскиот Централен регистар. Уште поголемо изненадување предизвикува тоа што досега немало соодветна правна реакција од македонските институции за да спречат именување културен клуб во Македонија со име на историски потврден соработник на фашизмот. Разочарувачки е што сите реакции на јавноста, како и револтот изразен преку отворено писмо на Еврејската заедница во Македонија (која неодамна најави и тужба), досега не предизвикале изнаоѓање ефикасно правно решение за спречување на ваквата провокација за македонската држава, која е заснована на антифашистички темели. Прашањата што се поставија во јавноста по откритието дека е дозволена регистрација на странски „културен“ клуб во Централниот регистар на Македонија, со име на историски спорна личност, ги открија институционалните и законските „дупки“ во македонското законодавство, кои овозможуваат никој да не понесе одговорност за ситуации во кои флагрантно е загрозена македонската држава со навреда и провокација за нејзините историски корени. Целиот случај доведе само до формирање работна група во Министерството за правда, која работи на измени, односно на нов закон за фондации и здруженија, како и иницијатива за владино ад хок тело, кое до усвојувањето на законот ќе одлучува за соодветноста на предложените имиња на здруженијата и фондациите. Но ова ад хок тело на Владата треба да се конституира дури наредната недела, ќе има советодавна улога, но сепак (и да е формирано) не може да даде мислење за името на спорното здружение „Цар Борис Трети“, бидејќи тоа е веќе регистрирано во Централниот регистар.
Во амбиент на високосензибилизирана јавност за овој случај и одредениот датум за отворање на клубот се поставува прашањето кој е најефикасниот и најбрз правен лек за да се спречи ваква најнова провокација кон Македонија.
– Министерството за правда во оваа ситуација нема инструменти со кои би можело да интервенира во однос на постоењето и именувањето на спорното здружение и клуб во Охрид, за кој се најавува отворање на 7 октомври. Најбрзиот правен лек е Јавното обвинителство да постапи по кривичните пријави поднесени против здружението.
Едната кривична постапка е поведена по допрен глас од Јавното обвинителство во Охрид, а другата кривична пријава ја најави Здружението на Евреите од Македонија. Обвинителството треба да се изјасни дали дозволува или според кои законски основи не дозволува да профункционира здружението со спорно име во Охрид – велат од Министерството за правда.
Во однос на можноста на советодавното тело на Владата за имиња на здруженија и фондации да може ретроактивно да разгледува случаи на некои веќе регистрирани здруженија, министерот за правда Никола Тупанчевски вели дека доколку сакаме да направиме некакви „ретроакции“, неговото мислење и како професор и како министер за правда е дека тоа треба да го направиме преку други институции.
Адвокатот Тони Менкиноски, застапник на македонските здруженија во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, е категоричен дека во случајот со здружението „Цар Борис Трети“ треба итно да реагира Јавното обвинителство.
– Јавното обвинителство треба да постапи по кривичните пријави и да се изјасни за кривичните пријави за случајот со здружението „Цар Борис Трети“. Овој случај треба да го разгледува како кривично дело против државата и да одреди привремена мерка забрана за регистрација до крајниот исход на спорот – смета адвокатот Тони Менкиноски.
Дека станува збор за билатерална политичка провокација, како дел од пропагандната стратегија од страна на Бугарија, со отворање бугарски клубови во Македонија со имиња на контроверзни историски личности, кои се навреда за Македонија и Македонците, оди во прилог и тоа што најавата за отворање на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид е во пресрет на Денот на македонското востание – 11 Октомври.
Истовремено, најавено е присуство на високи бугарски политичари, како што беше случајот со отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. Во овие активности, во голема мера се препознава и свесна провокација од страна на Бугарија, во пресрет на Денот на македонското востание во Втората светска војна (против бугарскиот фашистички окупатор), со единствена цел, да предизвика реакција од македонска страна, која потоа ќе ја презентира пред Брисел и ќе објаснува како Македонија е неевропска и недемократска држава… На сомнежот за таквите провокативни намери се надоврзуваат и прашањата: дали целта е да се маргинализира 11 Октомври, денот кога во Македонија се кренало востание против бугарскиот фашистички окупатор, и дали со никнувањето на ваквите клубови низ целата држава се засилува теренската пропагандна активност на Софија…
– Вистинското прашање е дали е европски тренд ревизионизам на фашизмот. Дали ЕУ сака да го релативизира фашизмот? Ако ЕУ не сака фашизам, тогаш постоењето на клуб во Македонија со името на бугарскиот цар Борис Трети, докажан соработник на фашизмот, е целосно неевропски. Царот Борис Трети е човекот што ја стави Бугарија во фашистичката оска во Втората светска војна. Тој е одговорен за депортацијата на Евреите од Македонија… Има уште илјадници историски докази што го ставаат во редот на историски личности колаборационисти на фашизмот. Македонија како држава што е создадена на основите на антифашизмот не смее да дозволи постоење на клубови со имиња на фашистички соработници. Владата и институциите во Македонија не смеат да ја дозволат оваа агресивна бугарска пропаганда, која нѐ враќа во 19 век.
Реторичко е прашањето – дали Македонија постапува европски ако не дозволи формирање клубови со имиња на фашисти. Антифашизмот сѐ уште е во темелите и на Европската Унија – вели историчарот Александар Литовски.