Министерството за надворешни работи (МНР) упати апел до сите граѓани, политички и неполитички групации за зрело и достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани, без разлика на својата етничка припадност, да ја остваруваат својата уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став, по повод најавеното отворање на бугарскиот културен клуб во Охрид, како и повикот за протест.
– Северна Македонија, како демократска земја во која слободите и правата на човекот и граѓанинот се издигнати на ниво на темелна вредност на Уставот и државноста, ќе продолжи да го заштитува правото на сите граѓани и заедници да го изразуваат, негуваат и развиваат својот етнички, културен, јазичен и верски идентитет, како и слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Во контекст на горенаведеното, ги замолуваме сите чинители да се воздржат од обиди за злоупотреба на своите права и слободи, особено да избегнуваат употреба на провокации и негирање на правата и слободите на другите – наведуваат од македонското МНР.
Вториот бугарски културен клуб што ќе се отвори во Македонија, ќе го носи името „Цар Борис Трети“, кој бил на чело на бугарската држава за време на Втората светска војна.