Единаесет државјани на Македонија во текот на вчерашниот ден беа пуштени дома во добра здравствена состојба, по соодветна лекарска помош во болница во Сан Бенедето дел Тронто, извести Министерството за надворешни работи (МНР) по добиените информации преку Амбасадата во Рим, во врска со вчерашната сообраќајна несреќа во Италија.
Како што соопшти МНР, 12-от патник, македонски државјанин се наоѓа во болница во Анкона, каде што во текот на денов ќе има хируршка интервенција за добиените повреди во нога и рака.
– Министерството преку Амбасадата во Рим останува во континуирана комуникација со надлежните италијански институции, кои работат на целосно расчистување на случајот – стои во соопштението на МНР.
На автопатот меѓу градовите Асколи Пичено и Анкона во Италија вчера се случи сообраќајна незгода во која учествувал автобус на туристичка агенција од Македонија, при што на лице место починал возачот на автобусот, Р. И. (1965 година) државјанин на Македонија, додека полесно повредени се 12 патници, исто така наши државјани.
МНР преку Амбасадата во Рим останува во континуирана комуникација со надлежните италијански институции, кои работат на целосно расчистување на случајот.