Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерот за здравство Фатмир Меџити најави дека ќе ги провери тврдењата дека повторно нема терапија за пациентите на Клиниката за онкологија и радиотерапија, иако на крајот на минатиот месец тој во изјава рече дека сите лекови за болните од рак се достапни.

-Известен сум од менаџментот на Клиниката за онкологија и радиотерапија дека терапија има, за ова што го отворивте како проблем денеска дека нема терапија веднаш по прес-конференцијата ќе провериме и ќе ве известиме – рече Меџити на новинарско прашање по посетата на Клиниката за ендокринологија.

Прашан за одговорноста на раководството на Клиниката за проблемот со терапијата, министерот истакна дека „ќе има одговорност за секој што ќе се огреши пред здравствените закони“.

-Бескомпромисно. Тука сме во оваа борба, со единствена цел нашите пациенти да добиваат подобра здравствена услуга. И вие и целата јавност сте сведоци дека ова здравство не функционира, сите имаме критики, и јас сум поавтокритичен од сите вас. Правиме се што е во наша можност да ги пдобриме условите – рече Меџити.