Фото: принтскрин

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски денеска на прес-конференција истакна дека тие според Законот за класифицирани информации бараат да им биде биде даден на увид Договорот за „Бехтел и Енка“, а не, како што рече, некој министер да им го раскажува. Милошоски тврди дека Договорот веќе имале можност да го видат осум пратеници од ДУИ и двајца од СДСМ, од кои, како што рече, двајца пратеници немале безбедносен сертификат.

– Суштината на нашето барање е според Законот за класифицирани информации. Ние не бараме договорот некој министер да ни го раскажува. Ние бараме и имаме право договорот да ни биде даден на увид и бидејќи се работи за 500 страни договор, да имаме разумен рок од најмалку 10 дена да го разгледаме, анализираме и потоа да имаме затворена седница на која што ќе ги искажеме сите наши забелешки, но и ќе ги обзнаниме сите клаузули коишто се штетни по Буџетот на Македонија. Сметаме дека ова барање им следува на пратениците затоа што веќе е направен преседан – рече Милошоски.

Штом овие двајца пратеници без безбедносен сертификат имале увид во договорот  и да прават предлог за законски измени на осум клучни закони, тогаш, дополни Милошоски, можат сите пратеници да го добијат договорот.

– Самиот договор имале можност да го видат осум пратеници од ДУИ и двајца од СДСМ, тоа се оние коишто ги поднесле осумте закони за измени во Собранието поврзани со автопатите на Артан и Ковачевски иако знаеме дека најмалку двајца пратеници од овие осум немаат безбедносен сертификат. Ако можел некој пратеник, колега, да има увид во договорот без безбедносен сертификат и да прави предлог за законски измени на осум клучни закони вклучително и законот за работни односи, тогаш можат сите пратеници да го добијат договорот, во најмала рака сите коишто имаат безбедносен сертификат да имаат време да го разгледаат и потоа Собранието на затворена седница да ги слуша забелешките, критиките, пофалбите или обвинувањата од страна на пратениците – рече Милошоски.

Очекуваме, потенцира Милошоски, власта да постапи согласно Законот за класифицирани информации согласно Деловникот и да ни го достави договорот кој откако ќе го разгледаме да закажеме затворена седница и ќе расправаме по него.

Милошоски спомена пример од порано каде во 2017 година по барање на пратеници во Комисијата за надворешна политика им бил даден на увид Договорот за добрососедство со Република Бугарија.

Според него, мнозинството со денешната координација во Собранието се обидува „да игра со формата на оваа тема. Формата е помалку битна. Битна е содржината. Суштината е што пишува во Договорот. Ако Договорот е таен некој нешто крие, ако некој нешто крие веројатно има индиции за корупција и криминал – рече Милошоски.

Како што појасни, бараат Договорот да им биде доставен согласно член 120 од Деловникот на Собранието.

– За да има комисиска  расправа мора да има материјал. Не мое да има седница ако нема материјал. Материјалот на оваа тема е Договорот, нека ни го достават, нека ни дадат време да го разгледаме и ќе излеземе пред јавноста со забелешки кои работи се добри, штетни или кој пречекорил законски овластувања на штета на Буџетот – наведе пратеникот Милошоски.