Фото: Н.М.

Граѓаните кои претрпеле штета од неодамнешното невреме треба навремено да ја пријават во општинските комисии, по што Владата ќе постапи согласно законските процедури и ќе обезбеди обесштетување, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање при пуштањето во употреба на реконструираниот градски базен во Кавадарци, Мицкоски појасни дека општините и институциите под нивна надлежност веќе формираат комисии за проценка на штетите.

 – Граѓаните кои имаат претрпено штета треба да ја пријават кај општинските комисии. Тие ќе извршат проценка и извештаите веднаш ќе ги достават до Комитетот за проценка на штети, а потоа и до Владата. Ние, согласно закон и воспоставената пракса, ќе интервенираме и ќе ги обесштетиме сите кои ќе пријават штета – изјави премиерот.

Тој упати апел до граѓаните да не чекаат и што побрзо да ги пријават настанатите штети, за да може навреме да се спроведе законската постапка за нивна проценка и надоместување.

 – Апелирам до сите кои имаат претрпено штета да ја пријават, за комисиите да излезат на терен, да ја констатираат состојбата и Владата да добие прецизна спецификација на штетите, со цел да можеме да извршиме обесштетување – рече Мицкоски.