Фото: Влада / Архива

Во моментот имаме инвестициска активност од околу две милијарди денари за проекти во образованието, повеќе од 30 капитални инвестиции, седум комплетно нови училишни згради, дваесетина се реновираат, спортски сали во Струга и во Битола, отпочнуваме со спортските сали – Кисела Вода и Аеродром, во план е продолжување на проектот за реконструкција на универзитетите, односно зградите на факултетите ФИНКИ и ФФК, отпочнуваме со кампусот „Мајка Тереза“, изјави попладнево премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на општина Студеничани.

– Така што, образованието претставува еден значаен фокус на оваа влада и така ќе продолжиме да се однесуваме. Истовремено, ќе продолжи и инспекцискиот надзор на оние високообразовни институции, но и оние други образовни институции, што не ги исполнуваат стандардите. Ќе бидат опоменати. Доколку не преземат ништо во насока на исполнување на стандардите, ќе мора да бидат затворени, нагласи премиерот.

Мицкоски рече дека децата треба да добијат европско знаење, а „тоа може да го даваат институции што ги почитуваат законите и што нудат таков тип на пренос на знаење“.