Фото: Принтскрин/Фејсбук/Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва порача дека за трагедијата во Кочани ќе одговара секој што го прекршил законот, независно дали е ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Македонец, Албанец, муслиман или христијанин. Така ќе биде, најави Мицкоски, и за останатите случаи, ќе бидат отворени „модуларната болница“ и „Ласкарци“, ќе се оди до крај „или ќе победи мафијата која трае со децении, или ќе победат народот и државата“.

Во вечерашното гостување на ТВ Сител, премиерот истакна и дека ги поддржува и оправдува собирите на граѓаните поради смртта на 59-те лица во пожарот, но, сепак, потенцира, дека преку неправда не смее да се гради правда.

Според премиерот, градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов дента кога решил да поднесе оставка рекол дека стои на располагање за се што треба во однос на истрагата, како и дека ако нешто погрешил, ќе одговара и нема да бега.

-Знам во која фаза се случаите како „модуларната болница“, „Ласкарци“ и очекувам Обвинителството многу јасно да ја прошири истрагата, како и да го идентификува не само возачот на автобусот или управителот на правното лице, туку да видиме и во кој испитен центар кажале дека авотбусот технички е исправен, кој му дал дозвола на тој испитен центар да функционира како што функционира, зошто во модуларната болница е променето министерството од едно во друго, кога е правена јавната набавка, зошто кабелот е виновен, кој го направил проектот и дали можеби недостасуваат некои елементи, таму каде што мислам дека недостасуваат. За сето ова ќе има одговор, ќе има разврска. Нема ништо да оставиме. Јас ви реков, тргнавме, нема сега запирање, сега одиме до крај. Или тие или ние, или ние ќе опстанеме, Македонија и граѓаните од една страна, или мафијашите – напомена премиерот.

За дел од критиките во јавноста дека бил во посета на повредените од пожарот, Мицкоски повтори дека не влегувал со камери, ниту имал намера да прави п.р. Го испочитувал протоколот и смета дека како премиер требал да им даде поддршка на граѓаните, да им покаже дека Владата со сите свои ресурси стои зад нив. Човечки е, рече, да се подаде рака, да се поразговара со некого и да се охрабри.

-За собирите на граѓаните, нормално е тоа, таму има луѓе кои се гневни на се што се случувало децении наназад шти и беше причина за да ни се случат вакви последици кои однесоа 59 животи. Се додека се собирите на мирен начин, демократски, ги поддржувам и оправдувам и се додека трае борбата против овој тип кримнинал – административната криминална мафија. Не можам да оправдам анархија и стихија, разбирам револт, гнев, критика, но преку неправда да градите правда не смее. Во однос на Папазов, лично го знам и можам да кажам се најдобро за него, знам како се чувствуваше тој ден и следниот ден кога беше решен да понесе оставка, самиот кажа „за се што треба стојам на располагање, ако сум погрешил, тука сум, ќе одговарам, нема да бегам“. Знам дека тоа го мисли, но се надевам дека ова нема да биде акција на „преки суд“ и така мора да се однесуваме. Не смееме да дозволиме анархијата да суди, има органи за тоа – истакна Мицкоски.

Премиерот ги пофали обвинителите, дека веднаш излегле на терен, како и дека работат заедно со МВР.

-И покрај тоа што имаме големи разлики со работењето на обвинителите, овојпат покажаа голема мобилизација, утрото во осум часот беше мобилизирана голема екипа која дојде во Кочани, веднаш се зафатија со работа, имам информации дека групата е проширена и се работи по 16 – 17 часа. Овие три дена МВР и ЈО работат заеднички да утврдат основано сомнение за постоење одговорност, да се обезбедат лицата и мислам дека се проширува, но и да покажат неселективност. Среќен сум што и покрај разликите со работата на ЈО има синхознирирано дејство меѓу нив и МВР – рече премиерот.

Тој најави дека истрагата нема да остане само на овој случај, туку дека ќе се прошири на цела територија. Во врска со револтот кај граѓаните, Мицкоски не очекува никакви „српски сценарија“.

-Фоскуриан сум на ова што сега го работам, оваа Влада доби легитимитет од огромен број граѓани и има речиси двотретинско мнозинство во Парламентот. Ако не успееме во битката протв мафијата, јас сам ќе ја урнам оваа Влада и ќе се оди на избори зашто не сум успеал, ме поразиле. Ако не успеам, сам ќе заминам, или ќе направиме нешто или ќе не нема сите. Таков момент дојде, тоа е задачата на оваа генерација. Нема тука сценарија, српски, вакви или такви, овде има едно сценарио, или ќе ја добиеме битката или сите ќе излеземе поразени и ќе ја нема државата – нагласи Мицкоски.

Додека ја испраќаше оваа порака, премиерот, алудирајќи колку длабоко и насекаде е навлезена корупцијата во земјава, напомена дека раководителот на Секторот за урбанизам во Општина Маврово – Ростуше е фатен во земање мито за документи од странка. -Ние сите деновиве тажиме, а тој мртов ладен се договара за 13 000 евра, ги зема и никому ништо – рече Мицкоски.