ФОТО: Зоран Антоски

Планинарско-еколошкото друштво „Ендорфин“ од Кичево, во сеќавање на својот прерано изгубен член, планинар и другар Сашо Костадиноски, викендов го организира шестиот Меморијален планинарски марш на планината Гољак. Гољак е средно висока планина со највисокиот Веливрв на 1535 метри надморска височина, се наоѓа во кичевскиот регион и ги разделува селата од Копачијата,Бржданска река,дел од масивот на Илинска и Плакенска планина.

-Викендов по шести пат го организираме Меморијалниот планинарски марш „Сашо Костадиноски“ ,во чест на прерано починатиот колега и пријател Сашо Костадиноски. Искачувањето ќе стартува од село Брждани во 6,45 часот, попатно во 9 часот групата притигнува кај шумската куќарка Преслоп, каде ќе направи пауза од 20 минути и потоа ќе следи завршно искачување до највисокиот врв на планината во 11 часот.По задолжителното фотографирање на Веливрв, учесниците на меморијалниот марш во 12 часот поаѓаат за назад, а во 15 часот пристигнуваат во старото село Брждани, каде е планиран заеднички ручек- истакна Зоран Маџоски, редовен учесник на овој марш и еден од тројцата водичи на ПЕД Ендорфин.

Маџоски напомна дека секој учесник мора да има соодветна психофизичка подготвеност за искачување и учество на сопствена одговорност и нагласи дека организаторот и водичите го задржуваат правото на корекции на термините и редоследот на акцијата во зависност од временските услови и останатите технички проблеми.