По барањето на Македонско друштво „Илинден“ – Тирана, повеќејазична табла, вклучително и на македонски јазик и неговото кирилско писмо, ќе бидe поставена на зградата каде е сместен Комитетот за национални малцинства во Тирана.
– Ова е уште еден успех на нашето друштво и за сите Македонци во Албанија, но и другите малцинства. Комитетот за национални малцинства е владина институција во која членуваат претставници од сите признати национални малцинства. Сега како што сме официјално информирани натписот на институцијата ќе биде повеќејазичен, што значи и на македонски јазик и неговото кирилско писмо – рече за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Потсетува дека друштвото на 31 јануари минатата година доставило барање до Комитетот за поставување на повеќејазична табла, а по десетина дена добило позитивен одговор.
– Но, помина повеќе од една година, а таблата не беше поставена. Поради тоа на 25 април годинава испративме реакција до повеќе институции во Република Албанија, меѓу кои и до Народниот правобранител. Народниот правобранител го разгледа барањето, излезе во пресрет и се ангажираше да се постави повеќејазична табла на зградата на Комитетот – вели Ѓурѓај.
Изразуваме, посочува, голема благодарност до Народниот правобранител и вработените во таа институција, за нивното ангажирање за конечно да биде поставена повеќејазична табла.
Претходно по барање на МД „Илинден“ повеќејазични табли поставија Комесарот за заштита од дискриминација и Народниот правобранител.