Балканот е отворен за соработка, развој, напредок и градење нови пријателства кои сигурно обезбедуваат просперитет за граѓаните и водат кон Европската Унија, напиша на својот Фејсбук профил вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој денеска присуствуваше на отворањето на првиот Меѓународен саем „Винска Визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Автентичноста на нашите производи произведени од македонските земјоделци, претставени на овој саем, според Маричиќ, ја отсликуваат нашата традиција и култура.
Според него, македонските производи поради препознатливоста и единственоста, ги прави конкурентни и барани не само на регионалните, туку и на светските пазари.
Маричиќ додава дека Владата ќе продолжи дополнително да дава поддршка за стопанството преку отворање на нови можности за интегрирање на македонскиот во европскиот пазар.
Извозот, откупот, новите пласмани на пазарите во регионот и Европа на македонските храна и вина се поддржани преку програмата ИПАРД која директно придонесува за подобрување на пазарната ефикасност и за приближување до стандардите на ЕУ во земјоделско-прехранбениот сектор, како и за развој на економијата во руралните средини, истовремено придонесувајќи за зајакнување на домашната економија.
– Во периодот 2014-2020 год. преку ИПАРД II програмата беа обезбедени 60 мил.евра, од кои во првата половина од годината беа исплатени речиси 50% од вкупниот износ. До крајот на 2023 год., односно до затворањето на ИПАРД II, очекуваме оваа стапка значително да се зголеми, имајќи предвид дека договори со потенцијалните корисници се склучени за целиот износ на Програмата. Поддршката за земјоделско-прехранбениот сектор и економијата во руралните средини ќе продолжи и во периодот 2021-2027 година, преку ИПАРД III, чиј буџет изнесува 97 милиони евра – информираат од Секретаријатот за европски прашања.
На Саемот во Белград од Македонија учествуваат 42 винарии и три дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии, како и повеќе од 10 производители на храна од Македонија кои ќе ја претстават автентичната македонска кујна.
Македонската туристичка понуда пак е претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и е фокусирана на македонскиот етно-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам.