Фото: Маја Јаневска-Илиева

 Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на граѓаните го честита 8 Септември – Денот на независноста, порачувајќи дека денес е свечен, државнички и историски ден за сите македонски граѓани, кои пред 32 години со силна верба избраа пат за нов почеток, за подобар живот и за подобра иднина во независна, во своја држава.

– Ја одбележуваме 32 годишнината од независност на државата остварена како мечта на сите претходни генерации. На нашите претходници им оддаваме огромна чест, признание и им се поклонуваме за нивниот придонес низ годините и вековите до историската одлука кога на референдум, на 8 септември 1991 година нашиот народ изгласа независност и суверенитет. Со таа историска одлука им се спротивставивме на центрите и околностите кои се закануваа да ја втурнат земјата во воен конфликт и избравме пат со силна верба за нов почеток, за подобар живот и за подобра иднина во независна, во своја држава, стои во честитката на Маричиќ.

После 32 години независност, посочува Маричиќ, Македонија ужива посебен углед во светот и се стекна со доверба да биде посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западноевропскиот демократски цивилизациски свет, вели Маричиќ, укажувајќи дека на сегашните генерации е историската чест и одговорност да ја чува и развива државата.

– Уверен сум дека на бранот на ентузијазмот што ги движеше одлуките кога се донесуваше независноста, и денеска можеме да ги надраснеме разликите и да се соочиме со сите предизвици – да обезбедиме стабилна иднина, заедно со нашите меѓународни пријатели, да живееме во мир, стабилност, брз економски раст и благосостојба, брзајќи кон денот кога независноста на нашата земја ќе ја славиме како членка на Европската Унија. Честит 8 Септември!, се вели во честитката на вицепремиерот Маричиќ.