Првата заедничка литургија на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан – чекор поблиску до томосот
Предавањето на патријаршискиот и синодален акт за отстранување на шизмата, иако не значи и давање томос за автокефалност со кој официјално се регулираат меѓународното име и статус на нашата црква, е недвосмислен акт на уважување и признавање самостојност од страна на Вселенската патријаршија за МПЦ-ОА. Тоа претставува објава дека МПЦ-ОА повеќе не е во шизма и раскол со севкупната Православна црква, а свештенослужителите на нашата црква можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви
Во Соборниот храм на Вселенската патријаршија, „Св. Георгиј Победоносец“, во Истанбул, вчера, се одржа првата заедничка Патријаршиска и синодална света литургија меѓу вселенскиот патријарх г. Вартоломеј и архиепископот охридски г.г. Стефан, по примањето на Охридската архиепископија во богослужбено и канонско единство со другите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата црква. На литургијата предводена од поглаварите на двете цркви присуствуваа и митрополитите дебарско-кичевски г. Тимотеј и преспанско-пелагониски г. Петар, како и епископите хераклејски Климент и антаниски Партениј, повеќемина ѓакони, како и монаси од бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ и монахињи од манастирот Рајчица, „Свети Георгиј Победоносец“, а беше присутна и владина делегација, предводена од премиерот Димитар Ковачевски.
На крајот од заедничката литургија меѓу вселенскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот г.г. Стефан во Фанар, Истанбул, патријархот одржа своја беседа на грчки јазик.
– Најсвештен архиепископе охридски г. Стефане, на крајот на денешното наше историско сослужување со Вас, во овој наш сечесен патријаршиски храм, го насочуваме нашето слово, нашиот ум и срце кон сите наши возљубени чеда од најсветата Охридска архиепископија во државата Северна Македонија, водачите и водените, овде присутните и оние што се наоѓаат таму.
Особено се радуваме за личното присуство на превосходниот претседател на Владата на Северна Македонија, г. Димитар Ковачевски, и заедно со него министрите и другите негови соработници, како и за големиот број верни чеда од Црквата на оваа благословена земја, кои го наполнија овој славен храм и му дадоа друга димензија на денешниов празник на Педесетницата – како соборна така и лична за нас.
Веруваме дека овој настан значи целосно разбирање од ваша страна за големината на дарот на мајката црква кон вашиот народ, но и за одговорноста што ја понесувате, влегувајќи од денес во сеправославниот свет. Огноосветлени од благодатта на Утешителот, Го молиме, Го умолуваме и просиме од животворниот Свет Дух, обновителниот и сесилниот, слаткиот и Кој ги лекува раните, Кој ги надополнува човечките недостатоци, Кој ги испитува нашите срца – да ве утврди во вистината, да ве умножи во верата, да ве умудрува во борбата за Црквата, та и ние, вашиот заеднички отец и застапник, првиот и последниот помеѓу епископите на Источната Света Христова Црква да можеме духовно да се радуваме за вас и за вашите дела; та во нив да се прослави сечесното и великолепно име на Отецот и Синот и Светиот Дух, постојано, сега и секогаш и во вечни векови. Амин – рече во беседата патријархот Вартоломеј.
По ова следуваше обраќањето на архиепископот г.г. Стефан.
– Ваша сесветост, Вам Ви е добро познат копнежот на нашата јерархија и на нашиот православен народ, и тоа не го сокриваме од Вас и пред Вас, и пред членовите на свештената јерархија на Вашата Црква и на верниот народ што ѝ принадлежи – да ја видиме Охридската архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква.
Но Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме….
Во Вас е одговорноста на мајката црква за благосостојбата и преуспевањето на православното семејство, при Вас се принадлежностите и правата и не молиме повеќе и поинаку од она како што постапивте со доделувањето на автокефалиите низ историјата, па и во современието. Без да поставуваме аналогија со зборовите на мудриот Соломон, а имајќи го предвид одговорното и служечко првенство и привилегиите и авторитетот на Константинополската катедра, ќе речеме: „Имаш голема сила, и кој може да се дигне против силата на Твојата мишка? … сите ги милуваш… сè запазуваш …ги сакаш душите“.
Нашиот завет е дека упорно ќе работиме на своето издигнување и дека трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време, кога радосната објава на Великата Христова Црква за нас, придружена со веселото биење на црковните камбани, ќе ги преисполни со неопислива радост срцата на нас современите и ќе ги смири духовите на упокоените – порача архиепископот Стефан.
По завршените говори, патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан си подадоа братска прегратка.
На вчерашната синодална литургија беше присутен и премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предводеше владината делегација и кому му беше укажана честа да ги прочита молитвите „Симболот на верата“ и „Оче наш“ во име на народот на Република Македонија. Според познавачите, ваквиот чин претставува посебна чест – премиер на една држава да кажува слово во име на неговиот народ. Тоа е традиција во Вселенската патријаршија за време на одржување на литургијата.
Инаку, за обележување од неколкудневната посета на македонската црковно-државна делегација на Истанбул е дека во четвртокот патријархот Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската архиепископија во богослужбено и канонско единство.
Во петокот се одржа и празничната литургија по повод именденот на вселенскиот патријарх, на која молитвено присуствуваа и членовите на нашата црковна делегација.
Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската архиепископија во богослужбено и канонско единство со другите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.
Предавањето на патријаршискиот и синодален акт за отстранување на шизмата не значи и давање томос за автокефалност, со кој официјално се регулираат меѓународното име и статус на нашата црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската патријаршија и претставува објава дека таа повеќе не е во шизма и раскол со севкупната Православна црква и нејзините свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви.
За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.
Процесот до конечно добивање на официјалниот томос за автокефалност од вселенскиот патријарх, како што минатата недела изјави митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, започна на 4 јуни со врачувањето на документот од страна на патријархот српски Порфириј на архиепископот Стефан, со кој се потврдува одлуката на Српската православна црква, објавена на 24 мај, по нивното сослужување на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ – Охридска архиепископија, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.
Потегот на патријархот Вартоломеј и на Вселенската патријаршија претставува историски настан, бидејќи со него конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата црква и со признавањето на нејзината каноничност се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска архиепископија.
Ковачевски: Честитки за македонскиот народ
Премиерот Димитар Ковачевски на крајот од посетата на Вселенската патријаршија имаше средба лице в лице со вселенскиот патријарх Вартоломеј. По средбата, тој даде изјава за медиумите.
– Денес е голем историски ден затоа што по векови Охридската архиепископија сослужува заедно со Вселенската патријаршија и со тоа беше исправена една голема историска неправда. Ќе се послужам со зборовите на нашиот архиепископ г.г. Стефан, кои ги кажа на крајот на литургијата дека Охридската древна архиепископија секогаш била рамо до рамо со Вселенската патријаршија, како татко и син, како мајка и ќерка, како брат и брат, како сослужител и затоа денес целиот наш народ, сите наши православни верници со големо воодушевување ја примија веста за ова заедничко сослужување за кое јас искрено верувам дека ова сослужување и примањето во канонско единство на нашата црква ќе биде крунисано и со издавање на томос од страна на Вселенската патријаршија.
Сакам уште еднаш да им се заблагодарам на г.г. Стефан, на сите владици и на целиот Синод, на вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј и на Синодот во Вселенската патријаршија и сакам да упатам порака до сите православни верници во целиот свет, до сите свештеници во православниот свет, да ја посетат Северна Македонија, да го посетат Охрид, древниот Охрид, кој претставува катедра на православието.