Илустрација: „Нова Македонија“

Бугарското шоу за ново вето за Македонија продолжува со нај(не)очекувани форми и методи

Одлуката на бугарскиот шоумен Слави Трифонов за напуштање на владината коалиција најмногу му оди во прилог токму на Петков, прво затоа што пред европските челници јасно ќе може да каже дека во услови на евидентна владина криза нема мандат сам да одобри кревање на ветото за Македонија, без оглед што им го ветил тоа. Од друга страна, ваквиот негов чин пред бугарската јавност, за внатрешна употреба, ќе изгледа како интелигентен политички маневар со кој премиерот успеал да се спротивстави на меѓународниот притисок и да не потпише нешто што „би било спротивно на бугарските национални интереси“

Како што наближува јунскиот самит на Европската Унија сите индиции навестуваат дека бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија ќе остане, а последните настани на бугарската политичка сцена говорат дека Софија веќе си наоѓа процедурално алиби пред меѓународните партнери за новата блокада на својот источен сосед.

Имено, уште пред посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, како и на германскиот канцелар Олаф Шолц на Софија, коалицискиот партнер во Владата на премиерот Кирил Петков, Слави Трифонов, од партијата Има таков народ најави дека тие ја напуштаат владината коалиција поради наводната подготвеност на бугарскиот премиер за кревање на ветото за Македонија, со што директно ги минираше мисиите и обидите на европските челници да ги убедат властите во Софија да овозможат почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
Петков и самиот неодамна призна дека се подготвувал да го укине ветото за Македонија врз основа на предлози што му биле сугерирани од заинтересирани надворешни фактори, појаснувајќи дека министерката Генчовска и нејзиниот тим постигнале голем напредок во преговорите со земјава. Ваквите изјави на бугарскиот премиер на некој начин можат да се протолкуваат како еден вид негова подготвеност за одоброволување и соработка со европските партнери. Но соочен со внатрешните притисоци, тој бараше начини како ветото да остане, а тој и Бугарија да не ја сносат вината за повторната блокада и да не предизвика револт од Брисел.

Тука на сцена стапува шоуменот Слави Трифонов, веројатно во внатрекоалициски владин договор, одбирајќи специфичен момент да соопшти дека неговата партија Има таков народ ја напушта владината коалиција на нешто повеќе од десетина дена пред самитот на ЕУ, што упатува на едноставен заклучок дека станува збор за политичка игра искреирана од мудри стари искусни бугарски политичари, а спроведена од Трифонов, со единствена намера да се обезбеди алиби за Софија (и на премиерот Петков) пред Европа за уште едно бугарско вето за Македонија.

Повеќе од јасно е дека одлуката на бугарскиот шоумен за напуштање на владината коалиција најмногу му оди во прилог токму на Петков, прво затоа што пред европските челници јасно ќе може да каже дека во услови на малцинска влада и евидентна владина криза нема мандат сам да одобри кревање на ветото за Македонија без да падне Владата, иако тоа им го ветил, а од друга страна, ваквиот негов потег пред бугарската јавност ќе биде претставен како интелигентен политички маневар во кој премиерот успеал да го амортизира меѓународниот притисок и да не потпише нешто што би било спротивно на бугарските национални интереси.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оставките што за денеска ги најавија министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и министерот за енергетика Александар Николов се само дел од сценариото подготвено во старата бугарска политичка кујна. Таквиот механизам му е исклучително познат и на бугарскиот претседател Румен Радев, кој продолжува да ги диктира сите одлуки поврзани со Македонија, особено меѓу луѓето што се на иста линија со неговите антимакедонски ставови.

Ниту аналитичарите и добри познавачи на состојбите на Балканот не можат да најдат здраворазумно објаснување во одлуката на Трифонов во овој момент да ја напушти Владата, особено што таа се носи во време кога Бугарија, како и целиот свет, се соочува со економска и енергетска криза.
– Се прашувам зошто токму сега, кога очигледно имаше шанса да се најде компромис меѓу Софија и Скопје, Слави Трифонов реши да ја напушти коалицијата? Кој има корист од ова? Зошто токму сега, кога се соочуваме со енергетски, економски и политички тешкотии, некој ја става Бугарија во владина криза? Уште повеќе, откако стана јасно дека Македонија е подготвена да исполни едно од клучните барања на Бугарија – да ги вклучи Бугарите како државотворен народ во Уставот на земјата? Можеби ќе дојдеме до парадоксот на укинувањето на ветото, но нема влада да ја спроведе оваа одлука во пракса – оценува Јохана Дајмел, една од најугледните германски аналитичари за Балканот во изјава за Бугарското национално радио.

Потврда дека станува збор за вешта политичка игра се и изјавите на Шолц од Софија, кој откако претходно во Скопје изјави дека ќе се заложи за почеток на пристапните преговори со Македонија, по средбите со бугарските челници беше многу повнимателен во изјавите, па неговата цврста заложба од Скопје многу бргу омекна и се трансформира во бугарска заложба.
– Македонија треба да ги исполни сите услови – порача Шолц по средбата со бугарскиот премиер Петков, мислејќи на условите што му ги соопштија бугарскиот премиер и претседателот на државата Радев за да дозволат почеток на пристапните преговори за Македонија.

И бриселски „Политико“ го препозна неуспехот на Шолц, истакнувајќи дека германскиот канцелар не успеал да ја пробие долгогодишната бугарска блокада.
– Шолц, кој застана во Софија патувајќи низ клучните главни градови во регионот, по состанокот со бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека гледа „можности за напредок“. Иако таквите можности не беа очигледни во саботата, Шолц даде сѐ од себе за да стави дипломатски спин на неговата посета – наведува „Политико“, потенцирајќи дека бугарската влада во овој момент виси на конец, поради што Софија не е изложена на посилен притисок.

Несомнено политичката манипулација со која официјална Софија си поигрува со европските партнери очигледно дава плод, така што сиот притисок од меѓународната заедница сега ќе биде насочен врз македонските власти бидејќи Европа нема да сака да предизвика пад на бугарската влада и да ја втурне земјата во нова политичка криза, особено не во време кога Бугарија е на првата линија на фронтот на конфликтот во Украина.

Како и да е, византиските игри во Софија ќе продолжат и во следните денови, а клучното прашање е дали Европа ќе наседне на нив или, пак, премолчено ќе го толерира бугарското „шоу“. Тоа најдобро ќе го покаже времето, но добро е што побргу таквите лажирања да бидат демаскирани во европската јавност.