КОШАРКА – ФИНАЛЕ НА ПЛЕЈОФОТ ВО ПРВАТА ЛИГА

Кошаркарот на МЗТ Скопје, Немања Милошевиќ, го доби признанието за најкорисен играч (МВП) во финалната серија на плејофот

Кошаркарите на МЗТ Скопје ја освоија својата деветта шампионска титула откако во четвртиот дуел од финалето во плејофот во Првата лига, на гости третпат го совладаа Пелистер, со 102-93, и со 3-1 во победи ја одбранија шампионската титула.
Кошаркарот на МЗТ Скопје, Немања Милошевиќ, го доби признанието за најкорисен играч (МВП) во финалната серија на плејофот. Крилото на скопјани одигра одлично на четирите натпревари во кои МЗТ Скопје ја одбрани ланската титула. Ова за МЗТ Скопје беше 10-то финале во низа, а деветта титула.
– Честитки до Пелистер и на оваа прекрасна публика за фантастичното финале. Од последните шест натпревари против Пелистер победивме на пет и мислам дека заслужено ја освоивме титулата. И пред да дојдам екипата беше одлична, со моите помошници можеби наместивме некои коцки, но тоа, сепак, беше еден добар колектив што знае да игра кошарка. Наскоро ќе почнеме со плановите за новата сезона во која ќе се натпреваруваме и во Јадранската лига – вели тренерот на МЗТ Скопје, Александар Петровиќ.

По четири години, МЗТ Скопје се врати и во најквалитетната Јадранска лига.
Стратегот на МЗТ Скопје, Петровиќ, е 12-ти по ред домашен тренер по осамостојувањето на Македонија што може да се пофали со шампионска титула во кошаркарската Прва лига. Пред него тоа им успеа на Александар Књазев, Марин Докузовски, Тихомир Матевски, Стерули Андоновски, Мирослав Георгиевски, Јорданчо Давитков, Емил Рајковиќ, Александар Тодоров, Александар Јончевски, Ѓорѓи Кочов и Дарко Радуловиќ. Најтрофеен е Докузовски со седум титули, сите со Работнички, следуваат Рајковиќ и Андоновски со по три, Давитков две… Од странските тренери, пак, со ваков трофеј можат да се пофалат Анте Назор, Власос Влаикидис, Алеш Пипан и Зоран Мартиќ.