Македонија нема потреба да стравува од евентуални ефекти во случај на воени операции во електраната „Запорожје“ во Украина. Можно е евентуално да има потреба само од контрола на храната или другите продукти кои доаѓаат од Украина, кои би можеле да бидат контаминирани. Овој проект ќе помогне земјавата да биде во можност да го стори тоа доколку е потребно и на тој начин да ги заштити своите граѓаните, според проект-менаџерот за имплементација на Проектот за унапредување на заштитата од зрачење во Македонија, Бојан Томиќ.
Денеска во Скопје во организација Дирекцијата за радијациска сигурност се одржа национална вежба за справување со радиолошки и нуклеарни несреќи, со цел да се утврди на кој начин Македонија може да проектира какво зрачење од Украина може да дојде тука и какви би биле ефектите од тоа.
– Цела Европа стравува ако нешто се случи во Украина, ако дојде до некакви воени операции во Украина, во самата електрана во Запорожје, често наидуваме на вести дека може да се случи и Македонија да биде на некој начин погодена. Ние овде имаме национална вежба каде што ќе провериме на кој начин Република Македонија, Дирекцијата за заштита од зрачења може да помогне во проектирањето на тоа како може зрачењето од Украина да стигне тука, односно какви ефекти би имало тоа зрачење – рече Томиќ.
На прашањето за какви ефекти станува збор, колку е тоа опасно и што треба да се знае околу тоа со оглед на тоа дека Данска и Финска купуваат јод, тој одговори дека невозможно е да се случи толкава голема несреќа со оглед на оддалеченоста, која ќе доведе до тоа на Македонија да ѝ е потребен јод.
– Но може да се јави потреба да се контролира храната која доаѓа од Украина или други продукти кои доаѓаат оттаму, кои би можеле да бидат контаминирани. Овој проект на кој што ние работиме ќе помогне тоа да се одредува. Значи во Северна Македонија вие ќе имате можност сами да одредите што може да се случи и потоа се разбира да го направите тоа што е потребно и да бидат заштитени граѓаните во земјата – изјави Томиќ.
Појасни дека станува збор за софтверот ЈРОДОС кој е развиен во Германија и се користи во повеќе европски земји. Додаде дека во земјава има квалификувани лица кои ќе го користат софтверот.
Директорот на Дирекцијата за радијациска сигурност, Алија Камбероски информираше дека овој проект изработен од Европската Комисија ги опфаќа сите држави во регионот на Западен Балкан.
– Ние сме првите што ќе го имплементираат овој проект и со тоа ќе ја покажеме спремноста на нашата држава, на ДРС, ИЈЗ, ЦУК, и ДЗС дека можат да се справат со такви непожелни ситуации, кога евентуално би настанале при нуклеарни хаварии – изјави Камбероски.
Додаде дека со текот на вежбите ќе има пресметки и ќе се види како тие реакции би се одвивале во текот на одредени временски периоди од еден до две недели, но, рече дека важни се и податоците, кои УХМР ги дава во однос на движењето и температурата на воздухот, како и на ветриштата.
На прашањето дали земјава има доволни капацитети, Камбероски одговори дека се работи за стручни лица и дека има недостиг на кадри со голед на фактот дека младата популација се повеќе ја напушта земјава.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, изјава дека од аспект на опасност од радијација земјава е безбедна исто колку што се безбедни и останатите европски земји, но информираше дека системот за рано известување е нефункционален.
– Системот за рано известување односно тревожење во овој момент е нефункционален. Како ЦУК поднесовме иницијатива до европските фондови, до секторот за европски прашања да ни овозможи започнување на еден процес на реобнова на целиот овој систем. Но при какво било опасност од радијација, во овој момент можам со сигурност да тврдам дека ќе бидат благовремено известени – рече Ангелов.
Горан Трајков, советник во Дирекцијата за радијациска сигурност, изјави дека ДРС како регулаторно тело за сигурност во земјава будно ја следи состојбата во нашата држава, како и во соседните земји и во Украина и дека е во постојана комуникација со Институтот за јавно здравје.
– Можам да кажам дека граѓаните во Северна Македонија можат да бидат спокојни, будно се следи ситуацијата, а исто така добиваме редовни информации и од Меѓунардоната агенција за атомска енергија, каде што будно се следи состојбата во Украина, поточно во нуклеарната централа „Запорожје“ – рече Трајков.
Аналитичарот во Одделението за радијациска заштита при ИЈЗ, Зоран Велкоски, информираше дека согласно Законот за јонизирачко зрачење, ИЈЗ е овластена институција за мониторирање на радиокативноста на територијата на Северна Македонија преку автоматските мониторинг станици и преку мерењето на концентрацијата на радионуклеиди во вода, почва, воздух, врнежи и храна.
– Секако дека мора да се биде внимателен со секоја храна што се увезува, секоја храна има одредени граници во однос на присуството на одредени радионуклеиди. Најмногу страдаат земјоделските производи кои се први на удар на евентуални радионуклеиди – нагласи тој.