Фото: МД „Илинден“

Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Серјовски, во „име на единствениот политички субјект кој ги застапува интересите и правата на македонското малцинство во Албанија“, упати писмо до Комитетот за елиминација на расна дискриминација-Канцеларијата на Обединетите нации во Женева, во кое се изнесува посебен извештај подготвен од партијата во врска со „значајни и загрижувачки прашања поврзани со пописот на населението спроведен во Албанија во октомври 2023 година“.

– Нашиот извештај детализира низа инциденти кои предизвикуваат сериозна загриженост за спроведувањето и интегритетот на пописниот процес, особено фокусирајќи се на притисокот, заканите и заплашувањата, извршени од бугарските власти за време на пописот. Овие дејствија ги поткопаа правата и слободите на македонската заедница во Албанија, прашање што се наоѓа директно во рамките на мандатот на Комитетот за елиминација на расната дискриминација, за спречување на расната дискриминација и заштита на правата на малцинствата – изјави за МИА, Стерјовски.

Додава дека целта на извештајот е двојна, да се истакне кршењето на правата на малцинствата и да даде детали и докази за тактиките што се користеле за заплашување на припадниците на македонската заедница во Албанија, тактики, за кои веруваат дека биле дизајнирани да влијаат или манипулираат со резултатите од пописот.

– Со почит го повикуваме Комитетот за елиминација на расната дискриминација, да го разгледа овој извештај и да размисли за преземање соодветни мерки. Ова може да вклучи истрага за овие инциденти, изразување загриженост до релевантните органи и давање препораки за тоа како да се заштитат правата на македонското малцинство во Албанија – посочува тој.

Во извештајот, се нагласува дека МАЕИ е посветена на поттикнување на општество во кое сите етнички групи ќе можат да живеат во хармонија и подеднакво да се почитуваат нивните права.

– Сепак, настаните околу пописот во октомври 2023 година фрлија сенка врз оваа визија, барајќи интервенција од ценети тела како што е вашето. Веруваме дека Комитетот ќе му даде на ова прашање итно внимание што го заслужува и со нетрпение ја очекуваме поддршката во надминувањето на овие сериозни грижи. Доколку се потребни дополнителни информации или појаснувања, ги замоливме да не контактираат – вели Стерјовски.

Минатиот месец делегација на МАЕИ предводена од Стерјовски оствари повеќе средби со претставници на Советот на Европа во Стразбург и со европратеници во Европскиот парламент во Брисел.

Главен фокус на средбите беше даде на положбата на Македонците во Албанија а им беше доставен посебниот извештај подготвен од МАЕИ за пописот во Албанија, кој се спроведе во октомври 2023 година и притисоците на Бугарија за асимилација на Македонците во Албанија.