Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на Преспа форумот за дијалог во Охрид, денеска оствари средба со претседателката на Република Косово Вјоса Османи-Садриу.
Како што информира прес-службата на премиерот Ковачевски за време на средбата било истакнато дека двете држави имаат традиционално позитивни и конструктивни билатерални односи и соработка со отворен дијалог на сите нивоа без отворени прашања.
– Двајцата говорници ја истакнаа и економската соработка којашто бележи раст секоја година и за која владите на двете земји посветија посебно внимание и на заедничките меѓувладини седници. За време на средбата беше истакнато и дека Косово е меѓу најважните трговски партнери, а интензивирањето на соработката особено во делот на инфраструктурата и поврзувањето придонесува за стабилноста и развојот на целиот регион – се вели во соопштението.
Премиерот Ковачевски, како што информираат од прес-службата истакнал дека Македонија ја поддржува визната либерализација за граѓаните на Косово.