За нашата држава, Европската унија секогаш ќе биде стратешка цел. Не постои замена за тоа. Но ние ќе го унапредуваме нашето работење и живеење преку иницијативи, кои ќе значат унапредување на нашето општество и животот на сите граѓани. Тоа го истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали „Отворен Балкан“ ќе остане единствена реална иницијатива за државата доколку Бугарија не го тргне ветото на претстојниот самит.
На прес-конференцијата на самитот „Отворен Балкан“, Ковачевски подвлече дека државата и Владата имаат обврска да обезбедат подобар животен стандард за граѓаните, подобра инфраструктура и подобар политички систем со сите свои атрибути како што се владеењето на правото, борбата против корупцијата, ефикасноста на администрацијата и на сите институции.
– И тоа и го правиме. Од друга страна граѓаните на Република Северна Македонија не можат да бидат заложници на исчекување на датуми на секој нареден самит на Европската унија. Токму затоа уште на почеток на мојот мандат јас кажав дека со датуми не се врзувам, зашто не сакам да кревам очекувања за нешто што не зависи од нас – рече Ковачевски, пренесува МИА.
Државата, потсети, има четири позитивни последоватлени извештаи на Европската комисија, како и 45 проценти усогласеност на националното законодавство со законодавството на ЕУ.
– Ако ги споредиме студиите за усогласеност од поглавјата, тогаш ќе видите Република Северна Македонија, која иако не отпочнала преговори, има поголема усогласеност во одредени поглавја од други земји. Тоа е се направено заради граѓаните на државата – нагласи премиерот.
Една од стратешките цели, нагласи Ковачевски, членството во НАТО е постигната, бидејќи Алијансата ги исполнила своите ветувања
– Првата интеграцијата ја постигнавме затоа што НАТО го одржа своето ветување. Ние како држава имаме донесено тешки одлуки на патот за зачленување во НАТО и ЕУ, кои биле тешки за сите граѓани. Имаме направено многу откажувања и многу жртви на тој пат. ЕУ досега не ги испорача своите ветувања, веруваме дека тоа еден ден ќе се случи како резултат на усогласување и разговори, кои ќе ги имаме базирани на европски вредности – истакна Ковачевски.
Македонија има стратешки дијалог со САД, а Ковачевски потсети на минатонеделните разговори на теми за надворешната и безбедносната политика, културата, економијата, инвестициите и економската соработка во Вашингтон.
– Зарем толку е тешко да видиме дека единствени граници што постојат во Европа во моментот се границите на Балканот. Кога ќе излезете од Србија на Север или на Запад не постојат граници до Скандинавија затоа оваа иницијатива е најдобрата која има добри и нема лоши страни и затоа што е автонома, автохтона и единствено тргнува од потребите на граѓаните и бизнисите за зголемување на животниот стандард – забележа Ковачевски.
На прашањето како го коментира излегувањето на партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ од Владата во Бугарија поради Македонија, премиерот Ковачевски нагласи дека тоа е внатрешно прашање на Бугарија, а ние сме држава која и своите меѓународни и внатрешни односи ги има изградено на највисоко, врвно европско ниво, и е доверлив партнер што е, вели, основен услов за преговорите да успеат.
-Во секои преговори постои минимум барање за да тие бидат успешни, а тоа е доверливост на преговарачаките страни…Ние сме држава која има Министерство и министер за надворешни работи, вицепремиер за европски прашања, кои со сиот свој полн капацитет изминатите пет месеци разговараа, нудеа решенија, разменуваа идеи со соседна Република Бугарија, со цел кревање на ветото и постигнување на одржлив договор кој што ќе се базира на европски вредности, на принципите на задржување на достоинството и на принципите на добрите соседски односи во чиј дух го имаме и Договор за добросоедство со Бугарија врз основа на кој се градат односите со Република Бугарија – рече Ковачевски.
Од друга стртана, додаде, ние во ниту еден момент прашањето на преговорите со Бугарија и на зачленувањето со ЕУ не го инструментализиравме, еднострано не го политизиравме и не го употребувавме како владина коалиција за внатрешна политичка употреба.
-За разлика од другата страна, која што постојано ова прашање го инструментализираше го користеше за внатрешна политичка употреба и после пет месеци се уште ние како држава сме отворени да разговараме со посредство на претседателството на ЕУ и на ЕК, затоа што ние сме доверлив партнер како за соседите така и за ЕУ. И затоа прашањето кое ми го поставивте треба да биде упатено до претставниците на бугарската Влада, затоа што тоа е нивно внатрешно политичко прашање. Ние сме држава која и своите меѓународни и внатрешни односи ги има изградено на највисоко, врвно европско ниво – нагласи меѓу другото Ковачевски.
Тој посочи дека Македонија е доверлив и стабилен партнер и бара искрено и трајно решение, а тоа се потврдува преку тоа што сме држава, како што вели, која што ги реши сите отворени внатрешни прашања преку Охридскиот рамковен договор. Ние сме единствена држава која согласно своето уставно уредување обезбедува индивидуалните права на смоопределување да бидат оставрувани колективно, држава која има Министерство за правата на заедниците, која има Агенции за употреба на јазици и низа други државни институции кои се грижат за малцинските права.