Бугарската вицепремиерка Корнелија Нинова тврди дека меѓу нејзе и премиерот Кирил Петков нема конфликт за темата Македонија.
Нинова ова го изјавила во одговор на новинарско прашање за време на прес-конференција за „Експо 2020 Дубаи“, пренесува МИА.

-Имаме коалициски договор на Владата. Тој го содржи нашиот заеднички став за РСМ и тој е дека актуелната влада на Кирил Петков го реафирмира сегашниот, а тоа е дека треба да се спроведе Договорот за добрососедство и соработка, да се спроведе Декларацијата од 44-от Собрание, да се запре говорот на омраза, да не се злоупотребува бугарската историја, да не биде на сметка на националниот бугарски интерес. Ова го пишува во договорот на бугарската влада, чиј дел сме и ние и го исполнуваме напишаното во документот-рече Нинова.

Вицепремиерката додаде дека има надградба на ова со работни групи на различни теми, што според неа е добро.
-Продлабочување, проширување, поддршка на РСМ за влез во ЕУ – да, но на сметка на бугарската историја и националниот интерес – не, рече вицепремиерката.

Таа одби да коментира за односите меѓу премиерот и претседателот.

Нинова рече дека работата на Историската комисија е запишана во Договорот за добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија.
-Така што не е прифатливо еднострано да се поставува ова прашање-истакна Нинова по повод претходно објавеното во медиумите за предлогот на нејзиниот копретседавач проф. Драги Ѓоргиев за замрзнување на нејзината работа.

Нинова пред два дена не дојде во Македонија како дел од работните групи на Бугарија.