Марија Таушанска Анастасовска, новинар и уредник на единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат „Колибри“, кој излегува во „Нова Македонија“
17 години секој вторник трчам да го купам новото „Колибри“ во „Нова Македонија“, вели Таушанска Анастасовска за Куларт. Денеска, единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат „Колибри“ полни 65 години. Првиот број излезе на 8 јули 1958.
Единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат „Колибри“, годинава одбележува 65 години постоење. Што се се случуваше за одбележување на овој јубилеј и што допрва ќе се случува?
– Големиот јубилеј на единствениот додаток за деца во дневниот печат „Колибри“, што цели 65 години е дел од дневниот весник „Нова Македонија“, по урнек на сите големи весници во светот, го прославуваме цела година. Почнавме со честитка од далеку, од учениците од ОУ „Вељко Влаховиќ“ во Нови Сад, Србија. Потоа со љубов се подготвувавме за настапот на инклузивниот настан „Играме заедно пак“ во организација на „Аутизам АА МК“, што се одржа на 7 мај, на Школка во Градски парк во Скопје, каде имавме свој блок, што на мое големо задоволство го водеше ти Филип, а свој настап имаа поетите: Перо Миленкоски, некогашен уредник на „Колибри“, Васил Мукаетов, кој се уште ја чува песничката што пред 65 години ја испратил да се објави, Вера Андон, на која тој ден и беше роденден, Славица Танеска уметница, која како и ти е дете на „Колибри“. Живко Поповски -Цветин ни ја додели „Цветиновата награда за мир“, а вторачињата од „Ј.А.Коменски“ со Џокси ја испејаа песничката „Шарени чадори“.
Потоа во јуни со писaтелот Васил Мукаетов имавме средба со шестоодделенците од ООУ „Киро Глигоров“ од Скопје, а со Џина Папас Џокси ги посетивме нашите другарчиња од 2-г одделение од ООУ„ Јан Амос Коменски“ во Тафталиџе и заедно имавме еден незаборавен час по музичко.
Следеше конкурсот за литературни и ликовни дела на тема „Херојот по кого мојата улица го добила иемто“, кој наиде на голем прием и добивме творби од цела Македонија. Најдобрите ги наградивме со книги од издавачката куќа „Македоника литера“, коај ни подари и 65 книги како роденски подарок за „Колибри“ на што сме им особено благодарни. Ете минатата недела објавивме и за подароци што ги добивме од ликовното студио „Артика“ од Прилеп, прекрасни цртежи на птицата колибри, што многу не зарадуваа.
Секако тука се и многуте честитки, а особено се убави оние од писателите и од учениците, некои во вид на песни и раскази, што ги објавивме на нашите страници. До
крајот на годината ќе има уште неколку активности, на вистински начин да ја заокружиме оваа јубилејна година, зашто навистина да постоиш во континуитет 65
години, во овие несигурни времиња е подвиг и затоа упатувам голема благодарност до сите што биле, се и ќе бидат на било кој начин дел од додатокот за деца „Колирби“, што секој вторник излегува во весникот и онлајн-изданието на „Нова Македонија“!
Вие пред 17 години, направивте кариерен пресврт, не само од една во друга редакција, туку и од една во друга област, од културно-забавна редакција, станавте уредник на Колибри? Како го доживеавте тогаш тој пресврт и како се чувствувате со седумнаесет години зад себе другарувајќи со Колибри?
– Не станува збор за пресврт, само додавање на една нова обврска, нов предизвик во мојата кариера. Јас цело време пишувам и за други области, но ова мое мало пиле
„Колибри“ некако ми се залепи за срцето. Цели 17 години секоја недела му ја посветувам нему, каде и да сум, било да е празник или обичен ден. Велат среќата ја
прават мали нешта, па ако колибри е најмалата, но и најбрзата и најсилната птица на светот, тогаш тоа е тоа. И секој број е правен со љубов , трпение и креативност на
голем број луѓе, професионалци, соработници, љубители на убавиот збор, со еден збор пријатели на децата. Зашто нели идејата треба и да се реалзира, а за да биде така потребен и цел синџир од алки, а најважната секако се децата за кои сите овие изминати години работиме, пишуваме, измислуваме, наградуваме, мотивираме, промовираме. Добро, понекогаш опоменуваме, ама најчесто пофалуваме и споделуваме успеси. Се разбира не би било ништо од сето ова, ниту би славеле јубилеј годинава да не беше пред 65 години поетесата Евгенија Шуплинова идеен творец на „Колибри“, која и му го даде ова убаво име, а по неа и поетите Перо Миленкоски и Наум Попески, по чии стапки јас ете сѐ уште чекорам. За среќа, има и млади надарени и пробивни луѓе како тебе Филип, кои своите први чекори ги направија во „Колибри“ и растеа со него, а еве сѐ уште се дел од нашата приказна. Тоа е најголемата сатисфакција, кога по толку труд и вложување, гледаш дека ништо не е попусто и оти „Колирби“ ќе лета уште долго на радоста на децата и на оние се грижат, пишуваат и создаваат за нив.
Целиот разговор прочитајте го на Куларт