СУБВЕРЗИВНИ ЛОБИ-ГРУПИ ПУШТЕНИ НА НАЈЈАКО

По собраниската седница за уставните измени, која патем се одложи поради немањето мнозинство за внесување на Бугарите во Уставот, во домашната јавност сѐ повидливо станува субверзивното и крајно штетно дејствување на една внатрешна лоби-група составена од професори и поранешни носители на државни функции, чија цел е со замена на тези и политикантство да креираат амбиент „како полесно да се проголта бугарската кнедла“! Клучниот наратив на оваа лоби-група е дека доколку Македонија не подлегне на странските притисоци и не ги прифати сите уцени и ултиматуми, може да ги изгубиме и нацијата и државата. Но дали е баш така и на што, всушност, се темели меѓународното право

По собраниската седница за уставните измени, која патем се одложи поради немањето мнозинство за внесување на Бугарите во Уставот, во домашната јавност сѐ повидливо и попрепознатливо станува дејствувањето на една внатрешна лоби-група, составена од професори, пензионери и поранешни министри, чија цел е со замена на тези и со политикантство да креираат амбиент како да се проголта бугарската кнедла. Клучниот наратив на оваа лоби-група е дека доколку Македонија не подлегне на странските притисоци и не ги прифати сите уцени и ултиматуми, може да ги изгубиме и нацијата и државата.
Како поткрепа на ваквите нивни тези овие „интелектуалци“ се повикуваат дури и на меѓународното право, кое во нивните очи, или поточно за нивни потреби, сосема погрешно се интерпретира. Но да одиме по ред.

Денешниот меѓународен поредок функционира единствено преку формата на притисок, а не преку принципи и правни норми?!

Првата точка или теза што ја застапува оваа лоби-група е дека денешниот меѓународен поредок и меѓународен систем на држави функционира единствено преку формата на притисок, а не преку принципи и правни норми. Причина за тоа била анархичната природа на меѓународниот систем. Ваквата нивна теза, дека меѓународниот систем функционира само преку притисок, односно уцени и затоа е природно функционален (?!), е практично негација на сите демократски придобивки на човештвото досега. Тоа е негација и на ООН, ОБСЕ, ЕУ и на редица други меѓународни организации што се формирале и се темелат токму брз принципите на суверена еднаквост меѓу државите, почитување на меѓународното право, човековите права и слободи итн. Тезата дека само притисокот ги решава сите проблеми е вовед во автократија, диктатура и анархија.

Оваа теза е спротивна и на еволутивната теорија. Со други зборови, ако притисокот го креира и дефинира меѓународниот поредок, тогаш стапот, односно ќотекот го креира и дефинира човекот, зарем не?!

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Малите држави, меѓу кои спаѓа и Македонија, немаат друг избор, односно секогаш мора да попуштаат?!

Следната теза што ја застапува оваа мала „интелектуална“ група е дека малите држави, меѓу кои спаѓа и Македонија, немаат друг избор, односно мора секогаш да попуштаат. Тоа го поткрепуваат и со следниот пример.
– Замислете ги државите како санти лед што притискаат една врз друга во океан. Ја најдовте Македонија. Разбирате во каква опасност е? Големите сили притискаат врз сите држави, при што најтешка е позицијата на малите држави, кои изложени на сите можни притисоци се борат за опстанок – тврдат поборниците на тезата за попустливост пред сѐ и сешто, веднење глава и постојано виткање кичма.

Но дали е баш така. Мора ли условно помалите држави нонстоп да се приспособуваат на силата на поголемите или постојат и други механизми за заштита на сувереноста, идентитетот и нивните права. Секако дека постојат. Токму поради заштита на интересите на помалите држави денес постојат редица светски организации, ООН и редица други меѓународни организации.
– Меѓународното општество се потпира на поредок утврден и уреден со правила и норми. Сѐ поголем број прашања, и во државите и во меѓународните односи, се уредуваат во согласност со меѓународните норми и стандарди или под нивно влијание. Постои општа согласност околу значењето на меѓународното право, иако несогласувања постојат околу неговата природа, и особено степенот на неговата имплементација/почитување – тврдат експертите по меѓународно право.

Тоа практично значи дека меѓународното право и правото на суверена еднаквост се најсилното оружје на Македонија против сите надворешни и внатрешни притисоци.

Кога една држава е принудена да избира помеѓу просперитет и безбедност се определува за безбедност, бидејќи опстанокот е највисока цел (?!)
Третата квазитеза што ја застапуваат овие домашни лобисти, што прозвучува и на закана, е дека кога една држава е принудена да избира помеѓу просперитет и безбедност се определува за безбедност, бидејќи опстанокот е највисока цел. Но токму ваквите закани со опстанокот на Македонија, доколку не се прифатат бугарските уцени, се навистина крајно неумесни, па и навредливи за сите. Па дури и за самото НАТО и за САД, како носечка столб на Алијансата. Зарем нашето членство во НАТО не ги гарантира нашата безбедност и нашиот опстанок како независна држава.

Зошто има потреба да се плаши народот со вакви небулозни и извртени тези? Па дури и да се тврди дека, наводно, поради отсуство на образование кај интелектуалната елита во земјата (интелектуалци, политичари, новинари) отсуствува и нејзината еманципаторска мисија кај народот. Не, господа лобисти и квазиинтелектуалци.

Македонскиот народ е самиот доволно умен и еманципиран и знае што е најдобро за него. Благодарение на таа своја мудрост, зрелост и непокор успеал да опстане со векови и да ги преброди сите предизвици и притоа секогаш да остане со горда и високо крената глава. Така ќе биде и овој пат, без разлика, колку тоа му се допаѓало некому или не.