Десет европски земји ги намалиле работните места за пожарникарите меѓу 2021 и 2022 година - Фото: ЕПА

Според податоци од најновите извештаи на „Евростат“

Шефицата на европскиот синдикат на пожарникари порача дека потегот е „рецепт за катастрофа“, пренесува Луиз Гијо од „Политико“

Бројот на пожарникари во Европската Унија (ЕУ) се намалува иако блокот сè повеќе се соочува со шумски пожари како резултат на климатските промени. Европскиот блок имаше вкупно 360.000 пожарникари минатата година, што е за 2.800 помалку отколку во 2021 година, според новите податоци објавени од европската канцеларија за статистика „Евростат“.

На тоа, генералната секретарка на Европската конфедерација на синдикати, Естер Линч, порача дека намалувањето на бројот на пожарникари среде климатска криза е рецепт за катастрофа. Таа додаде дека зголемениот ризик од пожари предизвикани од климатските промени јасно се покажа ова лето и треба да се настојува европските противпожарни служби да имаат персонал и ресурси што им се потребни за да ја завршат својата спасувачка работа, повикувајќи ги земјите да ги зајакнат инвестиции во нивните противпожарни екипи.

Според „Евростат“, десет земји ги намалиле работните места во противпожарната служба меѓу 2021 и 2022 година, а најголем пад е забележан во Франција, Романија, Португалија, Словачка, Бугарија и во Белгија. Бројот на пожарникари во Франција се намали за 5.400, додека Романија и Португалија поединечно намалија 4.250 и 2.907 работни места за пожарникари. Другите земји, сепак, го зголемија бројот на противпожарните екипи. Така, Шпанија додаде 617 пожарникари во истиот период, додека Италија ангажира 546 пожарникари.

Брисел направи напори да ја прошири улогата на ЕУ во одговорот при катастрофи и гради постојана флота на авиони за гаснење пожари, кои можат да бидат испратени во ранливите земји. Но експертите укажуваат и на потребата од превентивни мерки, како што е активно управување со шумите за подобро спречување на шумските пожари.