Фото: Маја Јаневска Илиева / Илустрација

Ние сме граѓанска иницијатива, не сме поврзани со ниту една политичка партија. Многу е битно да се разграничи партизирање од политизирање. Ние сме активни граѓани, сакаме да останеме тука, да живееме во Македонија, но да е безбедно, бараме одговорност, безбедност и транспарентност и затоа протестираме, изјави Милена Јаневска од граѓанското движење „Кој е следен?“ пред маршот што почнa вечерва во 19 часот од плоштадот „Македонија“.

Според неа, планови за натамошни протести нема, „Кој е следен“ нема лидерство и принципот на функционирање е „еден човек, еден глас“.

– Очекуваме транспарентност од истражните органи и поддршка од медиумите, очекуваме одговорност од сите поврзани со кочанската и сите претходни трагедии. Изразуваме целосна поддршка до медицинскиот персонал и сите вклучени во истрагата. На улица сме зашто треба да се слушне гласот на народот, секој револт на граѓаните е оправдан – нагласи Јаневска.

Протестот ќе почне со триминутен молк, положување цвеќе и палење свеќи за настраданите во Кочани.