Со Предлог-законот за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти, Владата предвидува дека нема да бидат легализирани сите видови на дивоградби изградени во рамки на заштитните подрачја утврдени со Закон, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на денешната прес-конференција.
Нуредини и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски го презентираа Предлог-законот со којшто се предвидува можност за легализација на дивоградби изградени пред 1 јануари 2021 година.
– Истото е предвидено за сите видови бесправни објекти изградени во границите на охридскиот регион, кои се утврдени дека не се во согласност со Планот за управување со светското и културно наследство во регионот на Охрид. Ова подрачје има непроценлива природна, културна и универзална вредност и во него ќе може да се спроведе легализација само на објектите што се во Планот за управување – додаде Нуредини.
Во однос на природно заштитното подрачје, министерот посочи дека нема никаква легализација во зоната на строга заштита и зоната на активно управување.
– Ова значи дека ќе се дозволи само на оние објекти што се со намена А1, односно куќи за домување во зоната за одржливо користење и заштитниот појас на подрачјето. На овој начин ќе излеземе во пресрет на граѓаните кои не можеле да ги регулираат своите нерешени имотно правни односи – вели тој.
Во вториот дел од обраќањето министерот Нуредини говореше за Законот за инспекциски надзор во животната средина, што е по барање на Европската Унија и е споменат во последните извештаи.
– Ова беше побарано од нас како Министерство, да пристапиме и да подготвиме Предлог-закон за инспекциски надзор на животната средина во согласност со сите институции во државата. Овој предлог закон е во согласност со Европскиот Парламент, Советот и ги исполнува минималните критериуми за животна средина. Идејата е да се усогласат Државниот инспекторат заедно со локалните инспекторати и да функционира инспекцијата во нашата држава – појасни Нуредини.
Министерот истакна дека овој закон ќе им овозможи на инспекторите да постапуваат не само според тоа што е во програмите, туку ќе можат да вршат контроли и надвор од работното време.
Бочварски рече дека се предвидува скалест начин на пресметување на надоместот за легализација. За објект со површина до 80 метри квадратни се зголемува надоместот за 50 проценти, а за објект над 80 квадрати зголемување за 100 проценти. Тој рече дека како доказ во барањето за легализирање на бесправен објект ќе се земат предвид само сметките за јавни услуги, а од надомест за легализација ќе бидат ослободени граѓаните кои имаат нето приход до 180 илјади денари годишно.
Бочварски рече дека ова е нов закон различен од претходниот за кој јавноста реагирала и дека при неговото креирање биле заемени предвид речиси сите предлози на граѓанските здруженија, коморите, асоцијациите и сите засегнати страни.
„Исто така законот го услогласивме и со другите државни институции и сметаме дека креиревме квалитетно законско решение со кое ќе се обидеме да ставиме крај на изградбата на бесправни градби и узурпацијата на просторот. Од друга страна со законот нудиме и фер услови за сите оние граѓани кои претходно немале можност да ги легализираат своите домови“, изјави Бочварски.
Со законот, како што рече министерот, се очекува да се заокружи процесот на легализација на бесправни објекти во државата.