Нема да предложам ниту еден кандидат за претседател на Уставниот суд, за тоа да не биде сфатено дека пренесувам нечија порака, порача претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во интервју за Телма.
-Да не помисли некој дека јас пренесувам нечија порака, дека некој ми кажал кого да предожам, или нешто слично. Знаете, секогаш нешто погрешно се толкува во јавноста – рече Кацарска.
Таа денеска имаше отчет на самиот крај од нејзиниот мандат, на кој рече дека од функцијата заминува исполнета и задоволна од работата на Уставниот суд, уиако работеле само со пет судии.
Кацарска се соочуваше со бројни критики од поранешната опозиција, а сега нова власт, дека била „на страната на СДСМ“, што таа го негираше.
Освен со критики за работењето, судијката се соочуваше и со закани по нејзината безбедност, а дел од тие закани биле пријавени и во полиција. Како што вечерва изјави, „не се чувствувала безбедно зошто тоа постојано се случувало“, а добила и обезбедување по една од пријавите, но не по нејзино барање туку по налог на полицијата.