Фото:Фејсбук

Директорот на Центарот за истражување и анализи на СДСМ Јон Фрчкоски се повлече од функцијата во партијата откако денеска ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција излезе со информација дека користи наркотички супстанци.

Во оставката за која информираше и на Фејсбук, Фрчкоски соопшти дека ја поднесува од морални причини.

– Ниско и нечовечно е да се дефокусира јавноста за катастрофалниот начин на којшто се води истргата за трагедијата во Кочани во која згаснаа животите на 59 луѓе. Тоа зборува за ДПМНЕ, но јас нема да дозволам да бидам месо за јавен линч. За грешките од минатото и слабостите во младоста не се гордеам, но нема да бидат товар за СДСМ, партијата којашто ги разоткрива сите криминали на ДПМНЕ. Од морални причини се повлекувам од позицијата Директор на Центарот за истражување и анализи на СДСМ. Фала на семејството и пријателите за поддршката во целава гнасна хајка во која ме втурнаа платениците на ДПМНЕ – пишува во објавата.

Претходно, на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски го повика Јон Фрчоски да одговори дали користи наркотички супстанци.