Копретседавачите на секоја од работните групи ќе треба ротирачки да претседаваат со состаноците на соодветната група според нивната надлежност, во согласност со темите на дневниот ред
Откако македонската влада ги формира четирите работни групи за преговори со Бугарија, два дена пред посетата на Софија на премиерот Димитар Ковачевски, бугарските медиуми јавуваат дека и бугарскиот премиер Кирил Петков ги формирал своите работни групи.
Неколку дена по посетата на Скопје, бугарскиот премиер Кирил Петков издал наредба за формирање на четири меѓуресорски работни групи за соработка со Македонија, јавуваат бугарските медиуми.
Копретседавачите на секоја од работните групи ќе треба ротирачки да претседаваат со состаноците на соодветната група според нивната надлежност, во согласност со темите на дневниот ред.
Првата група опфаќа две области – економија, како и трговија и иновации. Копретседавачи на групата се министерката за економија Корнелија Нинова, министерот за финансии Асен Василев и министерот за иновации и раст Даниел Лорер. За членови на работната група се именувани претставници на Министерството за економија и индустрија, Министерството за иновации и раст, Министерството за земјоделство, Министерството за надворешни работи и владина администрација.
Втората група ќе работи во полето на инфраструктура, транспорт и поврзување. Копретседавачи ќе бидат министерот за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов, министерот за транспорт и врски Николај Сабев и министерот за енергетика Александар Николов. За членови на работната група се именувани претставници на Министерството за регионален развој и јавни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за енергетика, Министерството за надворешни работи и администрацијата на Советот на министри.
Третата, меѓуресорската работна група е за европската соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација и владеење на правото, со која копретседаваат министерот за животна средина и води Борислав Сандов, вицепремиерката за ефикасно владеење Калина Константинова и министерката за правда Надежда Јорданова. Во работната група учествуваат претставници на Министерството за животна средина и води, Министерството за правда, Министерството за електронска влада, Министерството за надворешни работи и администрацијата на Советот на министри.
Четвртата меѓуресорска група е од областа на културата, науката и образованието и младите. Копретседавачи се министерот за образование и наука Николај Денков, министерот за култура Атанас Атанасов, министерот за туризам Христо Проданов и министерот за млади и спорт Радостин Василев. За членови на работната група се именувани претставници од Министерството за образование и наука, Министерството за култура, Министерството за туризам, Министерството за млади и спорт и администрацијата на Советот на министри.