Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Трета година по ред кичевските пензионери не можат да користат „Бањско-климатска рекреација“, која почна да се реализира во 2010 година. Можноста да користат бањско лекување се однесуваше на пензионери со висина на пензија до 17.000 денари и кои во изминатите 10 години не ја користеле оваа поволност повеќе од еднаш.

-Членовите од Здружението на пензионери од Кичево и годинава нема да бидат во можност да користат „Бањско-климатска рекреација“. Паузата настана пред три години кога за прв пат земјава ја зафати пандемија со ковид-19 и за да не дојде до нејзино проширување кај најстарата популација, претходните две години пензионерите не ја искористија поволноста да заминат во Дебарски бањи, каде би користеле 6 ноќевања и транспорт од и до бањата, на сметка на фондот-истакна Ристо Попоски од Филијалата на ПИОМ во Кичево и нагласи дека до 2020 година оваа поволност од општината ја користеле од 40 до 80 пензионери на годишно ниво.

Тој појасни дека покрај неможноста да се користи оваа поволност, намален е и износот на погребални трошоци кои им следуваше на семејствата по смртта на близок пензионер.

-Од претходниот месец износот на погребални трошоци се намали од 30 000 на 25000 денари.Ова намалување се должи, како што ни беше речено, поради зголемениот број на смртни случаи во изминатиот период од ковид 19, кога Здружението на пензионери ,не беше во можност навремено да ги исплати сите трошоци и има задоцнување во исплатата од 3 до 4 месеци-додаде Попоски.
З.А.