Фото: Кире Михаилов/Фејсбук

Се уште е активен пожарот во пробиштипскиот регион. Во моментов сите сили на противпожарните служби и на доброволците од доброволните противпожарни служби се насочени помеѓу Пробиштип и село Ратавица, каде изгорена е голема површина од сува трева и нискостеблеста вегетација.

Златко Илиев, од доброволното противпожарно друштво Кочани вели дека три часа се на терен со четири возила од ДПД Кочани и ДПД Виница. Забележува дека пожарот е делумно ставен под контрола, а во моментов се направија пресеци со градежна механизација, за пресретнување на пожарот и спречување негово ширење кон селото Ратавица. Во гаснење на пожарот помага и локалното население.

Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов на терен се три „Ер трактори“ на ДЗС.

Пожарот избувна попладнево во пробиштипското село Бучиште, каде изгоре една, а опожарени беа три куќи. Подоцна, пожарот продолжи кон селата Неокази и селото Ратавица, каде што, во моментов во тек е акција за негово ставање под контрола.