На денешното рочиште за случајот „Софтвери“, во кој првообвинет е поранешниот Генерален секретар на владата Драги Рашковски, сведочеа Мухамед Халин, полицаец вработен како инспектор во Министерството за внатрешни работи, Александар Пејчиновски, директор на „Дигитал Медиа лаб“ и Костадин Ѓурчилов, вработен во „Дигитал Медиа лаб“.
Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „ Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“, а предметот се однесува на набавката на софтвер за МВР кој никогаш не се користел.
Халин сведочеше за уплатите кои што ги вршел како обезбедување на обвинетиот Драги Рашковски, при што тој пред Судот рече дека „уплаќал најчесто за школарина за Драги Рашковски и неговите деца“. Пред него сведочеле Пејчиновски и Ѓурчилов од „Дигитал Медиа лаб“, кои, одговарајќи на прашања од обвинителството и одбраната, зборуваа за процесот на склучување на договорите за реализацијата на обврските за набавка на софтверот.
Одговарарајќи на прашања на обвинителката Ивана Трајчева, Ѓурчилов рече дека од ФИНКИ, кој го изработил софтверот им било сугерирано хардверот да го набават од фирмата „ГБЦ системи“, чиј сопственик е обвинетиот во случајот Игор Христов, кој исто така беше надворешен соработник на Рашковски во Владата.
Одбраната на Рашковски претходно на денешното рочиште продолжи со изведување на докази во кои ја образложи комуникацијта меѓу обвинетите која се однесува на набавката на софтверот.
Денеска, исто така, Народниот правобранител побара имотно побарување од обвинетите во износ од 1,4 милион денари.
Судскиот процес за случајот „Софтвери“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.