Прикриените агенти одлично знаат да се претопат во околината и да останат незабележани додека ја извршуваат својата задача / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вистинските полициски агенти што работат на тајни задачи, инфилтрирани во криминалните групи или организации, под друго име и идентитет, всушност се во огромен ризик по својот живот. Нивното инфилтрирање во криминалните групи и организации е многу внимателно и до детали испланирано. Тоа се ситуации што за нас обичните граѓани се познати само од криминалистичките филмови. Но токму таквите филмски приказни се инспирирани од реалноста…

Вистински приказни за инфилтрираните полициски службеници во мрежата на криминалните организации

Факт е дека денес повеќето докази во процесите против криминалните организации се обезбедуваат главно со помош на модерните електронски технологии. Но тоа не значи дека прикриените популарно наречени „андеркавер“ агенти заминале во историјата. Токму во случаите во кои надлежните полициски служби немаат обезбедено валидни докази, најпотребни се тајните агенти, односно полициските службеници вградени во структурата на криминалните организации. Тие се полициски службеници што во криминалните организации се уфрлаат со изменет идентитет, кој полицијата им го обезбедува за подолг временски период.
Заради податоците што ги собираат како „лојални членови“ на организациите, тие и понатаму претставуваат скапоцени т.н. кртови за полицијата, иако јавноста за нив не знае и не треба да знае.

ИНФИЛТРАЦИЈА ВО СЕКОЈДНЕВНОТО ФУНКЦИОНИРАЊЕ НА КРИМИНАЛНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

Во американската практика е карактеристично прикриените агенти да се инфилтрираат во криминалните групи и организации на многу долг период, така што претставуваат некаков вид „разузнавачи во подземјето“. Сето тоа е проследено со огромни ризици да бидат откриени, поради што во реалноста тешко е замисливо во текот на долгогодишниот престој во криминалната организација тие да не посегнат и сами по одреден вид криминал за да не бидат откриени. Таквите случувања најчесто се толерирани од страна на полицијата заради откривање поголеми кривични дела.
Според експертите, таквите тајни агенти не се исти со полицајците што учествуваат во правни работи што спаѓаат во краткорочни активности на тајни агенти провокатори и кои имаат цел да обезбедат одредени материјални докази, како документи, вредносни документи, пари, фотографии, видео, аудио и електронски записи.
Вистинските тајни агенти всушност се во огромен ризик, но затоа нивното инфилтрирање во криминалните групи и организации е многу внимателно и до детали испланирано, па честопати се преземаат некои активности што од полицаецот ќе направи ситен престапник и пред да се поврзе со криминалните организации. Тоа се ситуации што за нас обичните граѓани се познати само од холивудските филмови. За таквите ситуации сепак многу малку се знае во реалноста.
Агентот вообичаено собира податоци на исклучително дискретен начин. Информациите до кои доаѓа најчесто не можат да се добијат со помош на други методи, а многу се значајни не само за откривање кривични дела туку и за обезбедување докази и разјаснување на улогата на осомничениот во делото.
Во некои случаи агентот може да ѝ помогне на полицијата да спречи реализација на одредено криминално дело, но некогаш не е во можност и самиот да ја избегне криминалната задача.
Во Германија на пример улогата на полицаецот со прикриен идентитет е дефинирана дека е „на работ на легалното“, особено кога станува збор за ситуација во која тој не спречува реализација на некој криминален чин на групата во чиј состав е. Напротив, тој не ѝ помага на полицијата, бидејќи на тој начин ќе се стави себеси во ризик да биде откриена неговата задача. Можни се и ситуации во кои самиот агент е принуден да направи одредено кривично дело. Во тој случај, кога агентот е принуден да направи одредено криминално дело, полицијата го применува механизмот на крајна нужда.

ЗОШТО ЦЕЛОСНО ДРУГ ИДЕНТИТЕТ

На полициските прикриени агенти (во многу држави дури и под измисленото име и презиме, кои всушност им се познати на криминалците од организацијата во која членуваат) им се дозволува да бидат дел од правниот сообраќај, така што потпишуваат договори, се запишуваат како сопственици на недвижности, основаат фирми, пријавуваат место на живеење и регистрираат возила. На тој начин тие знаат како другите членови на организацијата ги перат нелегално стекнатите пари, а во некои случаи дури и заедно инвестираат со криминалците.
Во соседна Србија, во судската практика се, забележани жалби на обвинетите дека биле поттикнати да реализираат некое криминално дело од страна на агентите провокатори.
Во некои случаи обвинетите тврделе дека никогаш не би зеле мито доколку агентот не им го понудел.
– Ангажирањето таен агент во Србија се реализира на основа на наредба од страна на судија од посебно одделение за организиран криминал при Вишиот суд во Белград, а по предлог на обвинителот за организиран криминал. Кога податоците од кривичната постапка ќе се добијат на тој начин и во согласност со сите други детални одредби од Законот за кривична постапка, тогаш на тие докази може да се заснова и пресудата на судот. Значи, станува збор за докази што не се добиени на незаконски начин. Агенти провокатори во Србија решиле многу случаи на трговија со дрога и експлозивни направи. Особено е значајна нивната работа на случаите со меѓународен организиран криминал, а во последно време случаите на кои работат не се само трговија со дрога и перење пари туку и трговија со луѓе и тероризам.

АГЕНТИ ПРОВОКАТОРИ ВО МАКЕДОНИЈА

И во Македонија постои практикување на антикрими-методот „прикриен полициски агент“. Но во жаргонот кај нас тој е познати под името агент провокатор.
Според познавачите на оваа проблематика, нормативно се работи за лица со прикриен идентитет за следење и собирање информации или податоци како посебна истражна мерка предвидена во членот 252 т. 9 од Законот за кривична постапка (ЗКП). Користењето лица со прикриен идентитет најчесто е во комбинација со друга посебна истражна мерка, во зависност од тоа за какво кривично дело станува збор. Лицата со прикриен идентитет најчесто се користат за собирање податоци или информации, односно докази за случаи на злосторничко здружение (на пример, дејства на симулиран откуп, симулирана продажба на дрога или кога тој се инфилтрира во криминална организација итн.) – велат познавачите.
Според нив, тие лица учествуваат симболично во активностите на злосторничкото здружение (преговараат, на пример, за цената или друго). Иако овие дејства влегуваат во областа на членот 24 од ЗКП, до овде тие немаат одговорност.
– Во случај со моделот на користење на тие лица во нашата кривична постапка, важно е да се напомене дека во првата фаза тие лица сите информации и извештаи за нивниот ангажман ги доставуваат до човекот врска (хендлер), а тој ги доставува до јавниот обвинител (тоа се применува како мерка за заштита на лицето со прикриен идентитет, додека извештајот се користи првично за да се утврди дали има уште потреба од негово користење). Во следната фаза, прикриениот истражувач дава исказ пред јавниот обвинител (втора компонента за негова заштита), а дури на крајот се појавува како заштитен сведок. Користењето лица со прикриен идентитет како мерка е во исклучителни случаи и мора да се потенцира дека нивното користење не значи дека тие може да наведуваат на кривично дело, да поттикнуваат некое лице да стори кривично дело во согласност со членот 254 ст. 1 од ЗКП. Со овој член се става рамка до каде може да дејствуваат тие лица и истовремено се потврдува дека клучен принцип и во оваа област претставува владеењето на правото – велат тие.


Агент на ФБИ шест години во „служба“ на „Коза ностра“

Еден од најпознатите тајни агенти во САД бил Џозеф Пистоне од ФБИ, кој од 1975 до 1981 година бил инфилтриран во њујоршката фамилија Бонано. Таму бил прифатен како вистински член на „Коза ностра“ и бил распореден во бандите на еден од шефовите.
Во текот на тие шест години, Пистоне успеал да собере докази за секојдневните активности на криминалната организација, а најважните информации биле за контактите со другите организирани криминални групи. По завршувањето на неговата работа, осудени беа повеќе од 100 злосторници на кривични дела.
Меѓу оние што биле осудени на основа на доказите од американскиот агент биле обични членови на банди, но и босови на највисоки позиции. Доколку тајната задача траела кратко, не би биле собрани потребните докази со чија помош целата „фамилија“ била изведени пред лицето на правдата.

[email protected]